сабота, 31 мај 2008

Дневник: Основци пишуваат домашно на лаптопи

Невообичаена тишина и работна атмосфера без звуци на гребење со моливи по хартија ве пречекуваат при влегувањето во училницата на второ Б-одделение во скопското училиште „Војдан Чернодрински“. Дваесет и пет второодделенци, по двајца во клупа, наведнати напред сконцентрирано пишуваат текст. Но, никаде нема моливчиња, тетратки, гумички. Пред нив има само лаптоп-компјутери.Учениците од ова одделение наставата комплетно ја изведуваат преку специјалните лаптопи што им ги донираше фондацијата ОЛПЦ (One Lap Top Per Child), за потребите на студијата што ја спроведува преку УНДП. Во студијата е вклучена уште една паралелка второодделенци од скопското училиште „Дитурија“. Идејата беше во текот на целата учебна година секое дете од двете паралелки, заедно со наставничките, пред себе да има лаптоп што ќе го користи по сите предмети, а по завршувањето на часовите, ќе го носи дома. Компјутерчињата навидум изгледаат како играчки. Малечки се, пластични, шарени. Работат на батерии, така што нема потреба од дополнителни кабли. Иако се многу поинакви од лаптопите на кои сме навикнати, можностите што ги нудат позитивно ќе ве изненадат.На компјутерот пишувам домашно, прераскажувам текстови, цртам, играм. Дома се снимам, а ја сликам и сестра ми. Најмногу сакам да пишувам. Има едно програмче со кое можам да ставам какви сакам букви - дебели, искривени. А можам да внесам и цртежи и слики во текстот. Најмногу ме радува што не мора да се пишува се' од почеток ако згрешам и не мора да ја кинам страницата. Ако згрешам, го притискам ова копче за бришење - објаснува малечката Сара. Децата со воодушевување зборуваат за компјутерите. Зачудува нивното познавање на термините од информатичката технологија, кои со леснотијата ги употребуваат. Иако имаат само осум години, нивните прстиња вешто „командуваат“ со стрелките на мониторот додека покажуваат што се' можат да работат на лаптопите. Моментно прераскажувам текст за тоа како месечината ни дошла на гости. На компјутер многу побрзо ми оди. Дома го користам за цртање и за да ја сликам мачката Маки. На почетокот ми беше малку тешко зашто се' што ќе напишав ми се бришеше. Тогаш го викав брат ми, тој се разбира во компјутери. Ама сега се навикнав и сакам, ако може, да ни ги остават и за во трето одделение - вели Дарија. Нивната наставничка Билјана Нелоска е презадоволна од резултатите што децата ги постигнале откако ги имаат компјутерите. Таа објаснува дека ги користат за сите предмети, освен за физичко воспитување. Со нив пишуваат, цртаат, сметаат, снимаат, пребаруваат по интернет. Деветнаесет години работам со деца, но искуството со лаптопите е најпозитивно досега. Скратено е времето за учење, решаваме многу повеќе задачи за еден час, грешките побрзо се коригираат, а креативноста на децата повеќе доаѓа до израз. И реакциите на родителите се многу позитивни. Нивното користење во наставата не му штети на воспитно-образовниот процес. Ништо не е запоставено во однос на наставната програма. Секако дека би сакала вака да работиме и следната година - вели Нелоска.

Извор: Даница Тунтевска. (31.5.08). Основци пишуваат домашно на лаптопи. Дневник.

Нема коментари: