петок, 9 мај 2008

Утрински: Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија

Македонија се наоѓа на добар пат да добие монопол во мобилната телефонија по преземањето на грчки ОТЕ од страна на „Дојче телеком“, што најверојатно ќе се случи наскоро. Имено, инвестиционата компанија „Марфин инвестмент груп“, која поседува 20 отсто од капиталот на ОТЕ, кои се предмет на разговори за купопродажба со „Дојче телеком“, најавила склучување на договорот до крајот на месецов, што значи дека „Дојче телеком“ веќе добил зелено светло за купување на акциите. Според „Елефтеротипија“, зделката за продажба на грчката компанија на „Дојче телеком“ се очекува да се финализира. Весникот наведува дека владината комисија треба да ги разгледа и последните детали од оваа зделка, и покрај противењето на опозицијата и на вработените во ОТЕ.Минатата седмица грчката влада соопшти дека преговара со „Дојче телеком“ за идниот удел во акциите. Државата моментно е најголем акционер во ОТЕ со 28 проценти од акциите и има право да назначува претседател на компанијата.Во март „Дојче телеком“ соопшти дека планира да купи 20 отсто од акциите на ОТЕ од грчката „Марфин инвестмент груп холдингс“ за цена од 2,5 милијарди евра, но оваа зделка зависи од тоа дали ќе биде постигнат договор со грчката влада. Со преземањето на ОТЕ од страна на „Дојче телеком“, „Т-мобиле“ и „Космофон“ ќе имаат ист газда, а единствен конкурент ќе им биде операторот ВИП. Во земјава Германците преку „Т-мобиле“ имаат повеќе од милион корисници, а Грците преку „Космофон“ повеќе од половина милион корисници, што вкупно означува држење на околу 90 проценти од пазарот. Според Законот за заштита на конкуренцијата, монопол може да се појави ако некој субјект има контрола на повеќе од 40 проценти од клиентите и услугите, но за да се утврди монопол, треба да се проверат дополнителни критериуми. „ВИП го следи развојот на настани во врска со можната аквизиција на дел од акциите на ОТЕ од страна на ’Дојче телеком‘. Доколку овој развој на глобално и регионално ниво почне да влијае врз македонскиот пазар на електронски комуникации, веруваме дека Комисијата за заштита на конкуренцијата професионално и во согласност со својата ориентираност за заштита на конкуренцијата ќе преземе соодветни мерки да го заштити пазарот на мобилна телефонија, а, пред се' корисниците, од евентуално монополистичко однесување“, велат од ВИП.Доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека е воспоставен монопол и дека постои опасност потрошувачите во Македонија да имаат повисоки цени, Комисијата може да побара од „Дојче телеком“ да ја врати состојбата пред воспоставената концентрација.„Процедура во вакви ситуации е откако ќе се потпише договорот за купување на некоја фирма, купувачот да влезе во фирмата, да воспостави свој менаџерски тим и потоа да ја пријави концентрацијата во земјата во која има фирми, во случајов Македонија. Потоа ние ја започнуваме процедурата за испитување на концентрацијата и доколку има такви обиди, наше е да не дозволиме создавање монопол кој подоцна би можел да ја злоупотреби својата доминантна положба“, вели претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Чедомир Кралевски.

Извор: А. Стевковска. (9.5.08). Доаѓа нов монопол во мобилната телефонија. Утрински Весник.

Нема коментари: