понеделник, 5 мај 2008

Утрински: Драмски театар нуди Интернет- продажба на билети

Светот е виртуелно глобално село, но единствениот виртуелен контакт кој што во моментов можете да го остварите со некоја од театарските институции во земјава е Драмскиот театар од Скопје. Ова е единствената театарска куќа во земјава која деновиве доби нов, функционален сајт(www.dramskiteatar.com.mk ) на кој можат да се најдат информации за претставите на репертоарот, за актерскиот тим, за гостувањата, за наградите... Сепак, она што е исклучително значајно е фактот што со посредство на овој сајт Драмски театар веќе нуди и Интернет-продажба на билети. Оваа театарска куќа е единствената во земјава која е фискализирана и вмрежена преку „Дајнерс“, така што на самиот систем кој го има поставено „Дајнерс“ може да се врши наплата на билетите со „виза“ и „мастеркард“.

Токму овој многу значаен сегмент, не само што нуди комодитет на потенцијалната публика, која наместо да мора да го набави својот билет од билетарницата на театарот, ќе може да го стори тоа он-лајн, туку ги намалува и финансиските трошоци на институцијата и го зголемува нејзиниот профит. Се намалуваат трошоците за печатење билети, но и цената на чинење на билетот е загарантирана. Досега, со вклученоста на аквизитерите во процесот на продажба на билетите, нивната цена се намалуваше. Поточно, генерално околу 40 отсто од билетите во македонските театри се продаваат преку аквизитери, а 60 отсто од продажбата се остварува на благајната. Билетите кои ги земаат аквизитерите се организирани билети со пониска цена. Исто така, аквизитерите во просек земаат 25 отсто од цената на билетот. Со изземање на аквизитерите од кругот на продажбата и со имплементирање на Интернет-продажбата на билетите по нивната стандардна цена, расте профитот на институциите.

Покрај Драмски, во овој период беше најавуван и стартот на новиот сајт на МНТ, но изработката на овој сајт доцни. „Интернет-страницата во моментов се гради и се дигитализира целото театарско наследство. Преку спонзорство ги обезбедивме техничките средства, компјутери, скенери и се' што ни е потребно за дигитализација на видео и печатените материјали, но поради одредени технички проблеми изградбата на сајтот се' уште не е завршена“, вели директорот на МНТ, Сашо Миленковски.

Тој вели дека, како и во случајот со Драмски, по промовирањето на новиот сајт на МНТ ќе стартува и Интернет-продажбата на билети. „На овој план ќе соработуваме со австриската фирма ’Тикет лајн’ која има своја филијала во земјава. МНТ ќе ја користи како аутсорсинг фирма на која и оставаме мал процент од секој продаден билет. Продажбата на билети ќе се врши преку линк на сајтот на МНТ“, вели Миленковски. Тој додава дека во план е до септември оваа година продажбата на билетите на МНТ да се врши само на билетарницата и он-лајн.

Токму во овој временски период, во втората половина на годинава, и Стопанска банка стартува со воведување на заштитни механизми на платежните картички за сигурно плаќање на Интернет.

Извор: Лилјана Митевска. (5.5.2008). Драмски театар нуди Интернет- продажба на билети. Утрински Весник.

Нема коментари: