вторник, 20 мај 2008

Вечер: Опаѓа процентот на нелегален софтвер во Македонија

Шеесет и осум отсто од софтверот инсталиран во Македонија во 2007 година е нелегален, покажуваат податоците од глобалната студија за пиратски софтвер на меѓународната компанија за истражување и предвидување во ИТ-секторот, БСА.
Ова претставува намалување за 4 отсто, споредено со 2004 кога 72 проценти од софтверот инсталиран во Македонија бил нелегален. Заедно со уште неколку земји од регионот, Македонија бележи најголем пад во процентот на нелегално инсталиран софтвер. Загубата за државата која ја предизвикал пиратскиот софтвер се зголемила од 10 милиони долари во 2006, на 11 милиони долари минатата година. Споредено со државите од регионот, Македонија има пониска стапка на пиратско софтверство од Србија, 76 проценти, Црна Гора 83% и Албанија 78 отсто. Стапката на нелегален софтвер е иста како и во Македонија, во Бугарија, Босна и Херцеговина и Романија, а полошо од нас стојат и Русија и Украина со 83%.
Подобро рангирани се Словенија и Хрватска со 48%, односно 54%, но кај нив поголеми се и загубите, кои низнесуваат 39 и 68 милиони долари.
Според податоците во студијата, на глобално ниво, процентот на инсталиран пиратски софтвер во светот пораснал од 35% на 38 отсто.Иако стапката на пиратерија опаднала во 67 од 108 земји, загубата во светски рамки изнесува 47 милијарди долари и е поголема во однос на онаа од 2006 година за дури 7 милијарди долари.
Држави со највисок степен на нелегален софтвер се: Ерменија со 93%, Бангладеш 92%, Зимбабве 91% и Шри Ланка 90%.Од друга страна, држави со најголем степен на легално инсталиран софтвер се: САД со 20%, Луксембург 21%, Нов Зеланд 22%, Јапонија 23% и Австрија, Белгија, Данска, Шведска, Финска и Швајцарија со 25% илегален софтвер.

Извор: Г.Ма. (20.5.08). Опаѓа процентот на нелегален софтвер во Македонија. Вечер.

Нема коментари: