понеделник, 19 мај 2008

Утрински: Пријави против мобилните оператори за личните податоци

Дирекцијата за заштита на лични податоци вчера поднесе три прекршочни пријави против телекомуникациски оператори поради злоупотреба на лични податоци при склучување претплатнички договори за мобилната телефонија. „Се случува да бидат склучени претплатнички договори со лични податоци, кои се злоупотребени од други лица. Се користат фотокопии од лични карти, односно се користат нечии туѓи податоци за склучување договори. Тука станува збор за класична измама и крадење идентитет“, изјави вчера директорката на Дирекцијата Маријана Марушиќ. Директорката објаснува дека кај нив реагирале лица што добивале високи сметки, бидејќи тврделе дека не склучиле договори, а на адресата им стигнуваат енормно високи сметки за користени мобилни телефони на одреден оператор.„Оваа појава е честа и од тие причини се поведени овие прекршочни постапки со цел мобилните оператори да ги преземат потребните мерки за да се спречи ова“, вели Марушиќ. Како пример, таа го наведе случајот на еден граѓанин кој докажал дека во моментот на склучувањето на претплатничкиот договор бил во странство. Моментно, Дирекцијата работи на 55 случаи за кои постојат сомневања дека се злоупотребени личните податоци. Во врска со случајот на двојниците на СДПМ, Дирекцијата го завршила увидот во Државната изборна комисија, при што евидентирале дека постојат изјави со потписи на кандидатите, при што не навлегува во веродостојноста на изјавите. Дирекцијата се' уште го очекува одговорот од судот дали СДПМ има регистрирано друга адреса на седиштето на партијата, бидејќи на адресата која е наведена во официјалните документи не постои седиште на оваа партија.

Извор: Ж.Х.З. (19.5.08). Пријави против мобилните оператори за личните податоци. Утрински.

Нема коментари: