сабота, 17 мај 2008

Вест: Телеком во јуни ќе дели дивиденда

Акционерите кои до 19 јуни годинава ќе се запишат во акционерската книга на Македонски телеком, ќе добијат дивиденда од 56,71 денар по акција од профитот на компанијата за 2007 година. Дефинитивната одлука за исплата на дивиденда во вредност од 50 отсто од добивката околу девет милијарди денари (околу 160 милиони евра) од 2007 година треба да ја донесе Собранието на акционери на 11 јуни годинава. Потоа, најдоцна до 30 јуни треба да стартува исплатата на дивидендата на сите акционери.
Од Телеком вчера немаше официјално информација како ќе се делат 80-те милиони евра, но грубо пресметано според бројот на акции, Владата, која поседува околу 34 отсто од капиталот, треба да добие околу 30 милиони евра, додека странскиот партнер "Камени мост" (во ликвидација) ќе изнесе околу 45 милиони евра. Околу 1,5 милиони евра ќе му следат на ИФЦ. Околу 3.000 мали акционери треба да поделат околу 2 милиона евра.
Телеком, пак, самиот себеси ќе си исплати дивиденда над 8 милиони евра.
Телеком за 2006 година не исплати дивиденда. Управниот одбор во средината на декември 2007 предложи исплата на дивиденда за 2006 година, но Собранието на акционери не го прифати предлогот и одлучи парите да останат во Телеком. Околу 30 милиони евра од Телеком и 50 милиони евра од "Т-Мобиле Македонија", односно вкупно 80 милиони евра се префрлија на сметката за 2007 година, како акумулирана добивка. Тогаш акционерите најавија дека околу 72 милиона евра од нив ќе бидат распредели како дивиденда од добивката од 2007 година.

Извор: Т.Ј. (17.5.2008). Телеком во јуни ќе дели дивиденда. Вест.

Нема коментари: