вторник, 13 мај 2008

Утрински: Стартуваше со работа вториот фиксен оператор „Онтел“

Конечно, се појави конкуренција и во фиксната телефонија. Под брендот „Онтел“ од вчера почна да функционира долгонајавуваниот втор фиксен оператор во државава, под капата на „Он.нет“, а во сопственост на групацијата „Телеком Словенија“. „Онтел“ се промовираше како оператор што ќе дава поевтини услуги од оние на „Македонски телеком“, а во догледно време од објективни причини негови корисници ќе можат да станат единствено претплатниците од Скопје. Новиот фиксен оператор засега нуди само еден пакет за корисниците, и тоа по цена од 990 денари без пресметан ДДВ, кој вклучува бесплатен приклучок, бесплатни неограничени разговори со сите корисници на „Онтел“ и 300 минути бесплатен разговор кон броевите на конкурентскиот „Македонски телеком“. Доколку претплатникот зборува повеќе од предвидените гратис-минути во пакетот, секоја дополнителна минута разговор ќе го чини 0,89 денари плус ДДВ. Една минута разговор, пак, со кој било мобилен оператор ќе се наплаќа по 8,5 денари плус ДДВ. Предраг Чемерикиќ, генерален директор на „Он.нет“, на вчерашната промоција на „Онтел“ посочи дека неговите цени во споредба со оние на „Македонски телеком“, кои се однесуваат на разговори кон мобилните оператори, ќе бидат пониски за 15-20 отсто, а за 60 отсто ќе бидат поевтини разговорите кон странство. Карактеристично за новиот оператор, во споредба со конкурентот, е тоа што цената на разговорите нема да зависи од времето кога тие се водени, односно не постои евтина и скапа тарифа, а истовремено не се плаќа ниту месечна претплата. Од „Онтел“ изјавија дека се' додека Агенцијата за електронски комуникации и Комисијата за заштита на конкуренцијата не ги ребалансираат цените за интерконекција, тие ќе можат да го нудат засега единствениот промовиран пакет.„За да можеме да дадеме пакет каде што нема вклучени минути, АЕК и Комисијата за заштита на конкуренцијата треба да поработат на делот на злоупотреба на доминантната позиција. За нов број од ’Телеком‘ плаќате 1.200 денари, а „Онтел“, ако сака да земе свој корисник, плаќа 3.500 денари“, изјави Чемерикиќ, кој посочи дека во инсталирањето на потребната оптичка инфраструктура во Скопје компанијата инвестирала 5 милиони евра. Новиот оператор ќе работи со сопствена телефонска централа, користејќи ја мрежната структура на „Македонски телеком“. Од „Онтел“ очекуваат во наредниот период барем 35 отсто од телефонските корисници во државава да станат дел од нивната мрежа. Чемерикиќ објасни дека постапката за преминување на корисниците од „Македонски телеком“ на „Онтел“ е едноставна, односно заинтересираните треба да ги имаат намирено сите сметки со МТ, да потпишат договор со новиот оператор и да поседуваат макар и најобичен телефонски апарат. Броевите од вториот фиксен оператор обично ќе почнуваат на „51“. Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој присуствуваше на промоцијата на „Онтел“, рече дека зголемената конкуренција во секој сегмент од економијата е чекор кон усовршување на понудите и услугите, но и намалување на цените што ги плаќаат граѓаните за тие услуги.

Извор: (13.5.2008). Стартуваше со работа вториот фиксен оператор „Онтел“. Утрински Весник.

Нема коментари: