среда, 31 декември 2008

Утрински: Слободата го претвори Интернетот во нов медиум во Македонија

Пратеникот на ДУИ Хисен Џемаили, кој е еден од обвинетите за случајот „Мавровски работници“, можеби е недостапен за полицијата, но е една од главните фаци на „Фејсбук“, социјалната мрежа за Интернет-комуникација. На оваа информација деновиве посочи и Интернет-порталот „Он нет“, на чиј сајт стои коментарот: „Не можеле никако да го најдат Хисен Џемаили. А, типот не дека се крие нешто темелно како Радован Караџиќ. Да го побараа на ’Фејсбук‘?“ Блогови, „Фејсбук“, „Јутјуб“... Интернет-сајтовите се' повеќе добиваат на цена во македонскиот медиумски простор каде што бројот на членовите секојдневно расте. Ако некогаш важеше правилото дека медиумите се „watchdog“ (чувари) на општеството, сега може да се каже дека блоговите се „watchdog“ на медиумите. Долга е листата на политичари, интелектуалци, новинари кои буквално во секој момент „висат“ на некоја од веб-страниците преку кои или се вклучуваат во жестока јавна дебата и полемизираат или, пак, разменуваат фотографии. Моментно најкористена социјална мрежа за Интернет-комуникација е „Фејсбук“, за кој експертите посочуваат дека го користат дваесетина илјади луѓе во земјава. Генерално, непознатост е колку многу се користат другите Интернет-страници. Но, кога станува збор за дебатите, тука водат блоговите, а ги има многу, бидејќи важи правилото дека на Интернет секој може да каже се' што сака и тоа без цензура.
Меѓу најактивните на Интернет е Филип Петровски, директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Постојано можете да го најдете на некој од веб-сајтовите, каде што испраќа видео, аудио и пишани коментари, но вели дека „ниеден не е доволно ефикасен за да се потпреш само на него“. Оние што користат Интернет најмногу го препознаваат преку неговиот блог. „Ги користам сите канали. Блогови, ’Фејсбук‘, ’Јутјуб‘. Имам повеќе од 200 постови, односно наслови на блогот. Тоа е една област која допрва политичарите ќе сфатат дека може да ја користат. Тие немаат инвентивност и комуникација со луѓето“, смета Петровски. Тој нема слушнато дека некој политичар користи блог, за разлика од другите држави каде што блоговите имаат значајно влијание во вкупните општествено-политички збиднувања. Како пример ни го посочи изборот на Барак Обама за претседател на САД, чиј успех, според анализите, се должи на неговиот настап на Интернет.
Различни коментари можеа да се прочитаат за актуелниот вицепремиер Ивица Боцевски, кој по назначувањето за портпарол во Владата, престана да го користи блогот. Некои македонски блогери не можеа да му го простат тоа и сметаат дека „тој го предал блогерството“. Боцевски вели дека додека бил портпарол, не се занимавал со блогерство, бидејќи сметал дека тоа е неспојливо со новата функција. Но, сега откако стана вицепремиер, размислува повторно да му се врати на блогерството. „Блогерството е едно од најдобрите места за дебатирање, каде што запознав многу пријатели. Блогот го подразбирам како предизвик, место каде што се судруваат ставови, идеи, теми што го скокоткаат секој посетител“, објаснува вицепремиерот. Поранешната лидерка на СДСМ Радмила Шекеринска веќе подолго време користи Интернет-комуникација. „Интернетот нуди можност за пишување без цензура, да пишуваш, а да останеш анонимен. Предноста на Интернет-комуникацијата е што ти нуди шанса да се сконцентрираш на човекот со кого контактираш и на темата за која контактираш“, ни кажа Шекеринска. Таа додава: „Некогаш можеш да препознаеш политичар или партија која се користи под друго име блог за да го нападне противникот. Но, ако има аргументи, барем треба да има храброст да се потпише“, вели таа.
Шекеринска е најактивна на „Фејсбук“, веб-сајтот за социјална интеракција, каде што секој посетител може да создаде личен профил, оставајќи лични податоци, по кои подоцна и се пронаоѓаат пријателите. „Фејсбук“ го употребува за да се заштити од можноста за крадење идентитети, но и тоа не било гаранција, бидејќи со сопругот на своја кожа ги почувствувале злоупотребите. „Се смеевме со сопругот како е можно некој во негово име да направи профил на ’Фејсбук‘“, вели Шекеринска. Таа објаснува дека преку „Фејсбук“ станала член на форуми каде што се дискутира непартиски. Интернет-порталот за испраќање видеосодржини „Јутјуб“, кој е релативно нов за нашиве простори, го користела изминатава година за следење други кампањи и занимливости. Чита и некои од блоговите, но повеќе странски отколку домашни. Премиерот Никола Груевски е честа тема на Интернет-форумите и блоговите каде што можат да се најдат пофални зборови за него, од тоа дека е четврти најмлад лидер во светот до погрдни зборови за неговите лични карактеристики. А, ако некој сака да дојде до премиерот Никола Груевски, тоа најлесно може да го направи ако се приклучи на „Фејсбук“, каде што премиерот има цела страница на која секој може да влезе и да најде податоци од неговата биографија. На „Фејсбук“ се и голем број други сегашни и поранешни политичари, како што се директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, потоа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и портпаролката на партијата, Ермира Мехмети, како и многу други. Меѓу блогерите многу активни се поранешната претседателка на Хелсиншкиот комитет Мирјана Најчевска со нејзиниот блог „Црна овца“ и професорката Билјана Ванковска.
Колку реално созреваат македонската блогосфера и, воопшто, македонскиот Интернет-простор? И дали Македонија наскоро би можела да извлече некакви поуки од Хрватска, каде што пред неколку недели хрватските блогери организираа протести во неколку града под мотото „Стегнете ги вие ремените, бандо лоповска“, како израз на незадоволство од политиката на премиерот Санадер. Експертите велат дека Интернет-порталите се' повеќе се на цена кај публиката, пред се' поради убеденоста дека медиумите се подложни на секакви влијанија. „Блогосферата, дефинитивно, е алтернатива за стеснетиот простор за јавна дебата и критичко размислување во класичните медиуми. Тоа не значи дека не е подложна на влијанија“, коментира Филип Стојановски од фондацијата за одржливи ИТ-решенија „Метаморфозис“. Според него, постојат технички можности за анонимно ширење информации од прва рака, па затоа тој прогнозира дека можеби во иднина ќе се појават такви блогови на „whistleblowers" („тастери“ или поткажувачи), односно луѓе кои ќе укажуваат на корупција или злоупотреби во институциите или фирмите во кои работат со презентирање доволно докази за да поттикнат и официјални истраги. Сепак, Стојановски предупредува дека ваквите напори се бесполезни се' додека не профункционира Законот за слободен пристап до информациите.

Извор: (31.12.2008). Слободата го претвори Интернетот во нов медиум во Македонија. Утрински Весник.

Нема коментари: