петок, 5 декември 2008

Вечер: Финансиските извештаи на Телеком усвоени со задоцнување

Со задоцнување од две години, Собранието на акционери на Македонски телеком го усвои консолидираниот финансиски извештај на компанијата за 2005 година. Ова е сторено, како што изјави претседателот на Собранието на акционери, Зоран Трајчевски поради тоа што немало мислење од овластениот ревизор за да може да се пристапи кон усвојување на извештајот. - Има задоцнување, но не може да бидат усвоени консолидирани финансиски извештаи без мислење од ревизорот бидејќи имаше истрага од страна на американската компанија Њхите анд Цасе и истата не е завршена - рече Трајчевски.
Акционерите вчера ги усвоија консолидираните финансиски извештаи на компанијата и за 2006 и 2007 година. Избрана е ревизорска куќа Прајсвотерхаус Куперс да направи ревизија на консолидираните финансиски извештаи на Македонски телеком за 2008 година и разрешен е членот на Бордот на директори, Игор Билбиловски и на негово место е назначен Борис Ставров. Некои акционери тврдеа дека од 1999 година до 2005 година е намален бројот на вработени во компанијата, но е зголемена масата за плати за 12 милиони евра. Трајчевски објасни дека е тешко да се споредуваат финансиски резултати за таква временска разлика. -Во 1999 година платежно средство беше марката, а сега е еврото. За компанијата не е битно колку пари се трошат за плати, туку колку е приходот и профитот на компанијата. Ова е во судир со изјавите што ги даде акционерот бидејќи приходите и профитот на компанијата се зголемуваат - потенцира тој.

Извор: С.Бл. (5.12.08). Финансиските извештаи на Телеком усвоени со задоцнување. Вечер.

Нема коментари: