вторник, 30 декември 2008

Утрински: Мобилното „ало“ на „Космофон“ пак најевтино за административците

„Космофон“ даде најевтина понуда за разговор меѓу административците во наредните две години. Сепак, допрва ќе се прави евалуација, а одлуката кој ќе биде избран за опслужување на државната администрација со мобилни разговори ќе се знае по Нова година. „Мобилниот оператор ’Космофон‘, по одредени ставки, достави најниска цена на тендерот за избор на оператор преку кој во наредните две години ќе разговара државната администрација, но допрва ќе се врши евалуација и по други критериуми“, изјави Слободан Буковски, претседател на Комисијата што ја спроведува набавката, по отворањето на понудите на тендерот, распишан од Службата за заеднички и општи работи на Владата. Покрај „Космофон“, понуди имаат доставено и „Т- мобиле“ и ВИП. Според Буковски, сите три мобилни оператори доставиле валидни понуди, а отворањето поминало без никакви проблеми. „Официјалната одлука за победникот на тендерот ќе се знае во првите денови по Нова година, до кога ќе бидат комплетно евалуирани понудите. Главниот критериум во евалуацијата ќе биде цената што ја нудат операторите според три критериуми, во национален сообраќај, во роаминг и во меѓународен сообраќај“, информира Буковски.Тој нагласи дека победникот на тендерот ќе опслужува разговор за 3.300 броеви во Владата и другите органи од државната управа. Горан Андревски, директор на правна регулатива во „Космофон“, изјави дека неговата компанија повторно дала најдобра понуда за услуги во мобилната телефонија за Службата за заеднички и општи работи на Владата. „Очекуваме во наредните две години, како и досега, да останеме провајдер за услуги на Владата. ’Космофон‘ уште еднаш се докажа како технолошки лидер во мобилната технологија и очекуваме така да остане“, изјави Андревски. Победник на минатогодишниот тендер беше „Космофон“, кој тогаш понуди најевтин телефонски импулс.

Извор: (30.12.08). „Космофон“ пак најевтино за административците. Утрински Весник.

Нема коментари: