четврток, 18 декември 2008

Вечер: Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата

За половина година и Т-Мобиле Македонија ќе почне со комерцијално нудење услуги од третата генерација мобилна телефонија (3-Г). В.д. директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Петар Ивановски вчера му го издаде одобрението за користење радиофреквенции на Мајкл Лоренс, главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија со што започна да тече шестмесечниот период до кој компанијата треба да стартува со понуда до корисниците за услугите што ги овозможува 3-Г технологијата. -Нашата понуда ќе биде многу конкурентна, како што впрочем и секогаш правиме во Т-Мобиле. Условите ќе бидат изненадување за корисниците - увери Жарко Луковски, главниот оперативен директор во Т-Мобиле Македонија.
Со добивањето на одобрението, според Лоренс, Т-Мобиле праќа јасна порака до Владата, до Агенцијата како регулаторно тело и до корисниците дека ќе биде изградена најдобрата телекомуникациска мрежа во земјата. -Со 1,3 милиони корисници, Т-Мобиле во голема мерка придонесува за високата стапка на пенетрација од 107 проценти на мобилната телефонија во Македонија. Ние можеме на корисниците да им понудиме одлични услуги за нивните пари и висококвалитетна мрежа за што, и покрај глобалната криза, планираме во 2009 година да инвестираме 30 милиони евра - истакна Лоренс.
Изразувајќи задоволство што инвестицијата на Т-Мобиле ќе допринесе во развој на пазарот на електронските комуникации, на информатичкото општество, како и воопшто на економијата, Ивановски рече дека АЕК целосно ја следи стратегијата на Владата и во потполност го спроведува акциониот план за развој на широкопојасниот интернет.

Извор: С.Бл. (18.12.08). Од јуни достапни услуги од 3-Г технологијата. Вечер.

Нема коментари: