понеделник, 22 декември 2008

Вечер: Телекомуникациите ќе преживеат

Глобалната економска криза ќе има ефект врз македонската економија, но таа нема силно да се одрази врз телекомуникацискиот бизнис. Вака размислува главниот извршен директор на Македонски телеком, Николај Бекерс, кој очекува во 2009 година, во услови на економска криза, граѓаните да продолжат во иста мера да ги користат телекомуникациските услуги, во чиј развој компанијата планира да инвестира значителни средства. Сепак, кај него превладува претпазливост во однос на тоа каква година ќе биде 2009. - Искрено кажано, јас сум многу претпазлив бидејќи во светот има "силна бура", што во голема мера има влијание на САД, Западна Европа и на останатиот свет. Да се надеваме дека ефектот врз Македонија нема да биде силен. Јасно е дека некаков ефект ќе има, но мислам дека Македонија се наоѓа во добра позиција и со соодветни економски мерки може да се стабилизра состојбата и да се минимизираат ефектите од кризата. Потребно е да се направат соодветни подготовки за 2009 година - смета Бејкерс.
Според негово мислење, засега не може доволно да се истакне сериозноста на глобалната криза. Сепак, тој посочи на примерот на Индонезија во која работел во телекомуникациите во периодот 1997-1998 година, за време на големата азиска економска криза. - Индонезија претходно беше просперитена земја во развој, но кога настапи кризата, валутата падна за 80 проценти и сиромашните луѓе странаа многу сиромашни и имаше навистина тешки проблеми во земјата. Зачудувачки, нашиот телекомуникациски бизнис успеа да опстои, наспроти кризата. Имавме проблем, бидејќи бевме финансирани во американски долари, но општо земено, бизнисот функционираше навистина добро - вели Бејкерс..
Имајќи го предвид индонезискиот пример, Бејкерс, во поглед на телекомуникациите, од моменталнава криза не гледа никаков проблем. - Луѓето и сега се навикнати на потребата на мобилни телефони, да имаат пристап до интернет. Прочитав студии за економската криза во различни земји - Филипини, Кенија, Украина и други земји за односот помеѓу пушењето и користењето на телекомуникациските услуги. Во услови на криза, луѓето во овие земји се уште користеа телефонски услуги во иста мера, но затоа пушеа помалку - вели Бејкерс.
И покрај кризата која се очекува да трае и во цела 2009 година, Бејкерс вели дека нема да се откажат од планираните инвестиции, како што е проектот за оптички кабел до дома, во 3-Г технологијата во мобилната телефонија. - И нешто ексклузивно. Во 2009 година ќе промовираме интерактивни услуги, ќе се обидеме да влеземе во бизнис сегментот што е поразлично од сегашниот тип на работа. Телекомуникациите и интернетот се многу брзи технолошки процеси, така што треба многу да се биде внимателен и флексибилен, да не се премине границата - нагласува Бејкерс.

Извор: Светлана Блажевска. (22.12.08). Телекомуникациите ќе преживеат. Вечер.

Нема коментари: