понеделник, 15 декември 2008

Утрински: Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра

Компјутеризацијата на училиштата во земјава ќе чини најмалку четириесет милиони евра, сума што произлегува поради дополнителните проекти на Владата за доопремување на училишните објекти. Според она што може да се види досега, очигледно, Владата е подготвена по која било цена да ги компјутеризира училиштата. Иако, реално, првиот бран инсталирани компјутери се покажаа нефункционални поради редица пропусти, меѓу кои и немањето обука за наставниците и неподготвениот софтвер. Сега проблемот дополнително се комплицира поради зачестените кражби во училиштата на компјутерската опрема, за што ресорното Министерство испратило предупредување до директорите дека штетата ќе треба да си ја платат тие.Првично, Владата за проектот за набавка на компјутерите одвои 21 милион евра, иако околу оваа сума имаше контрадикторни информации, па се спомнуваше и цифрата од 24 милиони евра. Беа обезбедени компјутери за средните и за околу 40 отсто од основните училишта. Со првата набавка за училиштата беа набавени 18.000 персонални компјутери и 80.892 тин-клиенти (кои работат како компјутери, но без куќиште) и дополнителна опрема. Потоа Владата одвои и 9 милиони евра за компјутерската мрежа во училиштата, но ЈП „Македонска радиодифузија“ ја стопираше распределбата на дел од овие пари, со што доцнеше и проектот за инсталација во основните училишта. Како што потоа се објасни, проблем било тоа што парите не биле одобрени за префрлување од страна на Министерството за образование. Владата сега планира повторно набавка на компјутери, но само за основните училишта, бидејќи мрежата во средните веќе е покриена. Едниот тендер е за набавка на 75 илјади лаптопи за основците од прво до трето одделение и за наставниците. Во исто време е објавен и друг тендер за набавка на дополнителни 65 илјади компјутери, со што би требало да се заокружи проектот за компјутеризација во основните училишта. Упатените наведуваат дека за двата тендера Владата ќе одвои уште најмалку дваесетина милиони евра. Само за транспорт на компјутерите во училиштата Владата ќе плати 365 илјади евра, што е договорено со фирмата „Хајер“, преку која се набавени компјутерите за училиштата. Наплатата за транспортот ќе се исплаќа сукцесивно, како што ќе се пренесуваат компјутерите до училиштата.Кога ќе се соберат сите суми, цифрата ни малку не е за занемарување, а секако е поголема од 40 милиони евра. Којзнае која ќе биде крајната сума со која ќе се заокружи целиот проект за компјутеризација ако се знае дека за компјутерите се плаќа и осигурување, но и лежарина за нивното чување во магацините. Но, секогаш останува и можноста за непредвидливи трошоци.Министерот за образование и наука, Перо Стојановски, уверува дека нема простор за грижи, бидејќи гаранцијата на компјутерите важи три години, што значи може да ги покрие евентуалните дефекти во тој период. А, ако се случат оштетувања, тоа ќе падне на товар на директорите, до кои е испратено писмо со предупредување за евентуалните оштетувања на компјутерите. Според него, осигурувањето за компјутерите е платено за цела година. Тој ги демантира тврдењата на Државниот завод за ревизија, кој во последниот ревизорски извештај наведува дека во моментот на ревизијата извршена пролетоска складираните компјутери не биле осигурани. Односно, дека по претходна опомена од Владата, МОН ги осигурало компјутерите само за периодот од јануари до март годинава.

Извор: (15.12.08). Компјутеризацијата на училиштата чини над 40 милиони евра. Утрински Весник.

Нема коментари: