вторник, 9 декември 2008

Дневник: Ни застаруваат корупциските случаи

Светскиот ден на борбата против корупцијата 9 Декември, Македонија годинава го дочекува во хаотична состојба. Од една страна има интервенции во регулативата за заострување на санкциите, давање преширока легална можност за употреба на прислушувањето и на други специјални истражни мерки за откривање на корупцијата, а, од друга - недоволно транспарентни државни органи, апсурдни „застарувања“ на вакви случаи и образложенија дека нема доволно докази за покренување и судење на дел од корупциските скандали. Во Извештајот за Македонија, Европската комисија (ЕК) констатира напредок во борбата против корупцијата, но и дека таа останува сериозен проблем, особено во делот на финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Иако кај нас постои дебата за оправданоста на прешироката примена на прислушувањето во гонењето и на најбаналните корупциски дела како што е примањето и давањето мито, ЕК како позитивни чекори ги наведува измените на законите за кривична постапка и за следење на комуникациите. Сепак, Комисијата е внимателна, па вели дека во овие случаи треба да се засили улогата на судијата како коректив на „забегувањето“ на полицијата. Но, во Извештајот сњ нагласува дека извештаите на Државниот завод за ревизија и препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата многу ретко се следат. Нагласена е „загриженоста“ за политизација на некои случаи на корупција и начинот на кој се обработуваат. Транспареноста на државните институции и органи и понатаму е во фокусот на интерес на Европската комисија како превентивна мерка и стеснување на можностите за корупција. Додека во Македонија јавно се зборува за партизација на судството, Комисијата дипломатски констатира дека судството и понатаму е слабо, а изрекувањето и извршувањето на судските одлуки е со недостатоци. Ваквите мекоизречени забелешки на ЕК во практика изгледаат многу погрубо. Случаите на намерно или поради небрежност застарување на корупциски случаи е само дел од синџирот корупциски дела што остануваат несанкционирани иако биле откриени.

Извор: (9.12.08). Ни застаруваат корупциските случаи. Дневник.

Нема коментари: