среда, 10 декември 2008

Вечер: Дневно се купуваат по 1.000 компјутери

На пет дена до крајниот рок (15 декември) за искористување на владините ваучери за апсолвентите за купување на компјутери, досега само половина од предвидената бројка се пуштени во ИТ продавниците. Како што информираат од Министерството за информатичко општество, до овој момент, до факултетите во земјава се испратени 10.680 ваучери колку што и биле побарани од сите високообразовни институции. Факултетите пак, до студентите дистрибуирале 10.050 ваучери што значи дека во рацете на апсолвентите кои за прв пат запишале завршна студиска година, се наоѓаат дури 94 проценти од ваучерите. - Искористеноста до овој викенд беше 5.840 ваучери што е нешто над 50 отсто. Ова се должи на фактот што студентите ја чекаат последната недела да го искористат дадениот ваучер. Сепак, интересот расте, а тоа се гледа по фактот дека последните денови се искористуваат по илјада ваучери дневно - велат од Министерството за информатичко општество.
Оттаму, но и од ИТ компаниите што се пријавија да се вклучат во оваа владина акција очекуваат дека планираната сума на ваучери до 15 декември целосно ќе се искористи. Неискористените ваучери ќе бидат поништени.
Според податоците што ги добивме од Министерството за информатичко општество, речиси на сите државни и приватни универзитети доделените ваучери се и стопроцентно распределени на студентите, освен на Правниот факултет во Скопје и Државниот универзитет во Тетово каде останале неподелени уште 14 проценти од ваучерите. На Машинскиот факултет во Скопје, каде 96 проценти од апсолвентите си ги подигнале ваучерите, велат дека ги контактирале студентите што не се пријавиле. Дел од нив изјавиле дека ваучерите не им требаат, некои се правдале дека биле болни, а некои изјавиле дека немаат важечка лична карта за идентификација.
Од компанијата АМЦ сметаат дека 15.500 денари колку што е вредноста на ваучерот се доволни да се купи компјутер со солидна конфигурација или лаптоп. Кај нив се јавувале и студенти кои покрај ваучерот доплатувале од 150 до 300 евра за појак компјутер или лаптоп и притоа плаќањето го вршеле со банкарски кредит или кредитни картички.
Извор: Светлана Блажевска. (10.12.08). Дневно се купуваат по 1.000 компјутери. Вечер.

Нема коментари: