среда, 17 декември 2008

Утрински: Телекомуникациите засега отпорни на кризата

Светската економска криза засега не го погодува телекомуникацискиот сектор, кој е стабилен и не е подложен на циклични влијанија, како што се другите сектори, сметаат луѓето на двата мобилни оператора во земјава „Т-мобиле“ и ВИП. Тие се едногласни во оцената дека ефектите од кризата допрва ќе бидат видливи, но се надеваат дека ударот за нивниот бизнис нема да биде уништувачки. Според луѓето од овој сектор, Македонија е стабилна и на некој начин недопирлива за кризата поради ниското ниво на инвестиции и банки кои се конзервативни и кои претставуваат сигурносна брана што го спречува прелевањето на негативните последици од економската криза врз нашето стопанство, вклучително и телекомуникациите. „Економската криза ја нема зафатено телекомуникациската индустрија во Македонија и сега за сега не се чувствуваат посебни ефекти од неа во нашето работење. Останува да видиме каков ефект ќе има кризата наредната година“, информираат од „Т-мобиле“ - Македонија. Со идентичен став е и раководството на ВИП. „Светската финансиска криза се продлабочи повеќе отколку што очекував лично. Луѓето станаа попретпазливи во трошењето пари. Но, телекомуникациите, како основно добро на луѓето, не се подложни на циклични влијанија и ќе останат стабилни“, вели извршниот директор на најмладиот мобилен оператор ВИП, Никола Љушев. Според него, економската криза ќе се продлабочува, а како држава ќе имаме сериозен проблем во 2009 и 2010 година, иако засега успешно се менаџира целиот процес на справување со кризата.Дека најмладиот мобилен оператор во Македонија ВИП не чувствува последици од кризата, говорат амбициозните планови за наредната година, за кога тие очекуваат значително зголемување на приходите и пазарниот удел, најавувајќи воведување нови технологии. До 2013 година ВИП очекува да надмине 25 отсто од пазарниот удел. Овој оператор годинава има достигнато 11 отсто од пазарниот удел, а покриеноста на населението со мрежа е 90 отсто. Според Љушев, по влезот на ВИП на македонскиот пазар, во мобилната телефонија многу работи се сменети, особено во поглед на цените, додавајќи дека според нивните процени, цените на одредени услуги паднале и до 80 отсто. Целна група за наредната година на ВИП ќе бидат постпејд-корисници.Во врска со евентуалното преземање на вториот мобилен оператор „Космофон“, Љушев изјави дека колку што му е познато, се' уште не е започнато длабинско снимање на состојбите во компанијата од страна на консултантските куќи на неговите сопственици.

Извор: (17.12.08). Телекомуникациите засега отпорни на кризата. Утрински Весник.

Нема коментари: