вторник, 23 декември 2008

Дневник: Јужна Африка ни е поблизу со „Т-мобиле“

Македонската фудбалска репрезентација во „Т-мобиле“ доби партнер што ќе помогне за да извади виза за Јужна Африка, домаќинот на завршницата од СП во 2010 година. Челниците на ФФМ застапувани од претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и двоецот директори кај водечкиот мобилен оператор во нашата земја, Мајкл Лоренс и Жарко Лукоски, потпишаа договор со кој прво една година меѓусебно ќе се тестираат. - Во овој момент средствата што ќе бидат одвоени за подобри услови за работа на репрезентацијата и не се толку важни. Поважно е што се создава клима и меѓусебна доверба за подолгорочна соработка. Фудбалската репрезентација е најголемиот спортски бренд на домашната сцена, а нашиот партнер е број еден во својата област. Заеднички ќе создаваме услови за да обезбедиме учество на СП. Имаме потенцијал за такво нешто. Шансите во групата не се загубени. Вистинските натпревари допрва претстојат - рече Хаџи-Ристески, откако си честитаа за договорот со новите партнери. Сумата пари со кои ќе биде помогната македонската репрезентација двете страни не ја соопштија. - Нашата компанија одвојува средства за развојот на спортот. На овој начин им возвраќаме за довербата на македонските граѓани што ги користат нашите услуги. Фудбалот е најинтересниот спорт и затоа сакаме да му помогнеме да постигне поголеми резултати - рече во кусото обраќање Мајкл Лоренс, главниот извршен директор во македонскиот „Т-мобиле“. За успешна 2009 година ФФМ и „Т-мобиле“ наздравија со шампањско, а претходно си разменија пригодни подароци. Договорот беше официјализиран во присуство на македонските репрезентативци Игор Митрески, Влатко Гроздановски и Александар Васоски. Претходно ФФМ потпиша договор за соработка со „Тојота“, од која доби на користење автомобил „јарис“.

Извор: (23.12.08). Јужна Африка ни е поблизу со „Т-мобиле“ . Дневник.

Нема коментари: