понеделник, 12 јануари 2009

Утрински: МРТ преку извршители и без најава ја наплаќа радиодифузната такса

Стотина фирми, од кои најголемиот број во Скопје, пред новогодишните празници биле олеснети за неколку илјади денари од сметките без никакво предходно предупредување или најава. Затечени, дури откако ги изгубиле парите, сопствениците се информирале дека извршители, во името на Македонската радио-телевизија, им наплатиле заостанат долг за неплатена радиодифузна такса. Да биде изненадувањето уште поголемо, покрај заостанатиот долг, си платиле и надомест за извршителот, нотарот и банката каде што е извршена трансакцијата. За целиот случај во МРТ не добивме објаснување ниту, пак, ни беше одговорено дали сите клиенти навремено биле известени за наплатата на долгот. Нејасно е засега дали овој тип наплата ќе продолжи и во иднина и дали ќе биде насочена само на правните лица или ќе се прошири и на граѓаните кои имаат ненамирени сметки кон МРТ.„Неколку дена пред празниците открив дека на сметката немам пари, иако знаев дека има неколку илјади денари. На шалтерот ме информираа дека ми се повлечени средства преку трансакциската сметка по налог на извршител и дека за да биде целосно наплатена сумата, треба дури и дополнително да уплатам средства. Претходно немав добиено никакво известување дека воопшто должам нешто и некому“, вели Зорица Николиќ, сопственик на училиште за странски јазици.Таа вели дека по првиот шок, за што всушност станува збор и' објасниле во сметководствената фирма што ја ангажирала. Имено, за неплатени сметки за радиодифузна такса за шест месеци во 2007 година нејзината фирма должела 2.700 денари, а од сметката и' биле наплатени над 9.000 денари, од кои 3.600 како награда за извршителот. Николиќ вели дека еден од извршителите на сопственици на уште десетина фирми кои настрадале како нејзината им презентирал решенија за известување дека ќе се реализира извршувањето. Решенијата биле потпишани дека се уредно доставени до фирмите пред да се спроведе тоа. Таа тврди дека такво решение ниту видела ниту потпишала и прашува кој го фалсификувал нејзиниот потпис.Слично поминал и Душко Андоновски, сопственик на фирма за сервисирање биротехничка опрема. Тој за долг од 2.200 денари платил 9.000 денари. Известување дека од пошта треба да си подигне решение, во кое инаку пишува дека откако ќе го добие има право во одреден рок да се жали, добил седум дена откако истото решение било веќе извршено, односно парите биле симнати од сметката на фирмата. Поштарот го оставил известувањето пред вратата на фирмата, без да побара некој да потпише за доставата.Андоновски се обратил и до МРТ, но добил одговор дека не постои служба во која тој би можел да се пожали или каде што би можел да се информира уште колку должи и како да плати, а притоа да ги избегне извршителите и дополнителните трошоци. Во Комората на извршители велат дека тие само ги спроведуваат налозите што ги добиваат од институциите. Немаат законска обврска да го информираат сопственикот на фирмата дека од сметката ќе му се земаат пари, туку известување добива само банката. Од Комората велат дека институцијата што бара наплата треба да ги извести своите клиенти, по што решението може да стане правосилно и извршно. Оттаму не се сомневаат дека МРТ го направила тоа ниту, пак, ја доведуваат во прашање веродостојноста на потписите за доставата на решенијата.
Извор: (12.1.09). МРТ преку извршители и без најава ја наплаќа радиодифузната такса. Утрински Весник.

Нема коментари: