сабота, 31 јануари 2009

Вечер: Телеком Словенија ги купи Космофон и Германос

Телеком Словенија е новиот газда на Космофон и неговиот продажен ланец Германос во Скопје. Купопродажниот договор беше потпишан вчера во Атина и за стопроцентна сопственост во двете компании, словенечкиот Телеком ќе плати 190 милиони евра. Од Космоте, досегашниот сопственик на Космофон и Германос, не обелоденуваат повеќе детали од договорот, ниту колкави биле понудите на другите две компании - турските Туркчел и Турк Телеком. Купопродажниот договор го потпишале главниот извршен директор на Групацијата Космоте, Михаел Цамаз и претседателот на Бордот на директори на Телеком Словенија, Бојан Дремељ.
- Задоволни сме од успешното завршување на продажниот процес и од заинтересираноста од неколку телекомуникациски групации. Во иднина им посакувам многу успех на вработените во Космофон и Германос Телеком и убеден сум дека Телеком Словенија ќе има успешна работа за предизвикувачкиот пазар во Македонија - изјавил Цамаз.

Оваа зделка за Дремељ претставува продолжување на активностите што Телеком Словенија ги има во Македонија и е во насока стратегијата за експанзија во Југоисточна Европа.
Продажбата на Космофон ја наложи Комисијата за заштита на конкуренцијата откако Дојче Телеком, кој е сопственик на Мактел и Т-Мобиле Македонија, стана сопственик на 25 проценти од грчки ОТЕ. Токму Антимонополската комисија е таа која треба да го направи конечното одобрување на купопродажниот договор за Космофон и Германос.

Словенечки Телеком преку Космофон добива над 600.000 корисници, што е пазарен удел од 30 отсто од мобилната телефонија, 3-Г лиценца, една национална и шест регионални вајмакс лиценци, како и фиксната безжична мрежа АЛЛО. Од Германос Телеком наследува 66 продавници низ земјава. Телеком Словенија е една од најголемите телекомуникациски групации во ЈИЕ. Под своја капа го има најголемиот мобилен оператор во матичната земја, а нуди и фиксни линии и броудбенд сервиси. Во Македонија се присутни повеќе години преку Он.нет, вториот по големина интернет провајдер. Има компании-ќерки во Косово во интернет провајдерот Ипко во кого вложуваат 200 милиони евра за развој на мрежата, потоа во БиХ и Албанија, а е 50-процентен сопственик и во националниот оператор на Гибралтар - Гибтелком. Лани, групацијата на Телеком Словенија оствари приходи од 842,4 милиони евра и добивка пред оданочување од 312,2 милиони евра. Групацијата има над 320.000 броудбенд конекции, 1,5 милиони мобилни корисници и 650.000 фиксни телефонски линии.

Извор: (31.03.2009). Телеком Словенија ги купи Космофон и Германос. Вечер

Нема коментари: