петок, 16 јануари 2009

Вест: "Вип" нема податоци за корисниците


"Вип оператор" изминатиов месец во повеќе кафулиња на гостите им делеше припејд СИМ картички со ваучер за разговор преку неговата мрежа без да побара лични податоци од лицето што ја зело картичката, иако законската регулатива ги обврзува мобилните оператори да водат евиденција за сите корисници. Од Агенцијата за електронски комуникации велат дека сите оператори мораат да имаат податоци за корисниците, независно дали за разговор плаќаат однапред со припејд ваучер или следниот месец со фактура. "Во Правилникот за општи видови и услуги стои дека операторот мора да води евиденција за своите претплатници, нивните адреси и кориснички броеви, и операторите треба да работат согласно оваа обврска. Кај операторите се врши инспекциски надзор и ако има жалби од корисници постапуваме по нив", објаснуваат од Агенцијата.Од "Вип оператор" одговараат дека не знаат оти во промотивната акција не биле запишувани лични податоци за новите корисници. Даниела Начевска - Стојчевска од "Вип оператор" објаснува дека СИМ картичките ги делат преку надворешни агенции на кои им дале и формулари кои граѓаните требало да ги пополнат пред да ја добијат СИМ картичката. "'Вип оператор' работи целосно во согласност со важечката регулатива во Република Македонија. Во однос на промотивната акција која траеше една седмица, за да добијат можност да ги тестираат услугите на 'Вип' и најновата припејд промоција, заинтересираните граѓани требаше да ги остават своите податоци", објаснува Даниела Начевска - Стојчевска од "Вип оператор".

Извор: (16.1.09). "Вип" нема податоци за корисниците. Вест.

Нема коментари: