сабота, 31 јануари 2009

Нова Македонија: Родителите одбиваат да платат за оштетените компјутери

Директорите на училиштата на родителските средби ни даваат да потпишеме изјави дека за оштетени или украдени компјутери ќе платат нашите деца, односно ние, тврдат родители. Дури имало и закани ако не потпишат родителите ќе ги избркаат децата од училиште.

- Никој не не' праша кога ги поставуваа компјутерите, туку само ни ги тутнаа. Тие тогаш не ни спомнаа дека нашите деца ќе се задолжуваат за нив. Не плаќам за нешто што не сум го добил. Децата не може 24 часа да внимаваат на нив - додаваа револтираните родители. Директорката на средното училиште „Ѓорѓи Димитров“, Валентина Муцунска вели дека чекаат од Министерството за образование и наука да им дадат упатство што понатаму да прават.

- Усно ги известивме родителите за тоа. Компјутерите не се осигурани, но под гаранција се. Родителите знаат дека децата се задолжени за компјутерите. Во тек е изготвувањето на правилникот со податоците за тоа како ќе се наплаќаат штетите - вели Муцунска.

Наставниците потврдуваат дека директорите барале да се потпишуваат изјави и дека меѓу децата владее страв.

- Родителите мора да ги потпишат изјавите иако некои од нив се бунеа. Сега се јавува проблемот што децата ќе се приковаат за клупи, за да ги чуваат компјутерите. Не знам зошто децата да плаќаат, треба Владата да ги осигура затоа што децата навечер не се во училиште, па ако дојде некој арамија и ги украде, децата ќе треба и тоа да го плаќаат - велат наставниците.Од Државниот инспекторат во МO велат дека училиштата не смеат да ги тераат родителите да потпишуваат изјави ако се' уште немаат донесено правилник.

Од Министерството за информатичко општество, пак, вината за оштетувањата ја гледаат во директорите кои не можат да се справат со учениците и дека тие треба да им обезбедат услови на децата. Тие признаваат дека може да дојде до обвинување на некое невино дете, но дека директорот е тој кој треба да се справи со проблемот.

- Ние им ги дадовме компјутерите на училиштата и тие треба да се грижат за нив. Не можеме да најмуваме осигурителна компанија затоа што тоа би не чинело многу пари. Никој не води грижа за компјутерите и не можеме да се бориме против самоволието на учениците. Тие ги кршат компјутерите - велат од ресорното министерство.

Извор: (31.1.09). Родителите одбиваат да платат за оштетените компјутери. Дневник.

Нема коментари: