вторник, 20 јануари 2009

Утрински: Веб-сајтовите на партиите замрзнати пред избори

Македонскиот политички простор на Интернет е речиси замрзнат, а од посетите на Интернет како да се нема впечаток дека до претседателските и локалните избори не' делат неполни три месеци. Додека цела Америка и светот му аплаудираат на Барак Обама за успехот што го постигна претставувајќи се на Интернет, македонските партии како да спијат во длабок сон. Ниту една од партиите не сака да истрча со електронското претставување, но и не откриваат како ќе ги анимираат гласачите за избори. Затоа, по малку апсурдно звучеше предлогот на Владата на претстојните избори да се проба со електронско гласање во некои пилот-средини.На веб-сајтовите на партиите ретко можат да се најдат содржини поврзани со претстојните избори, со исклучок на актуелни прес-конференции, колумни или ставови на партиските лидери. А некои од нив живеат уште во времето пред две години, па се прикажуваат извештаи од говори на експретседатели. Повеќето од партиите најавија дека пред изборите ќе официјализираат посебни веб-страници на кои ќе има најразлични содржини за анимирање на гласачите, што било редовна практика и претходно. Нови веб-страници пред изборите најавија ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, додека СДСМ се' уште го нема дефинирано ова прашање. Нова страница најавија и ЛДП, иако нивниот официјален сајт веќе подолго време не функционира. ДПА ќе има посебен дел за гласачите на нивната официјална страница на партијата. Ако се прави некаква споредба, партискиот сајт на ВМРО-ДПМНЕ е најажурен, а секој момент се полни со нови информации за тековните активности на партиските активисти. Посетителите на сајтот можат да се запознаат како да станат членови на партијата, за која се наведени и десет причини зошто некој треба да стане член на партијата. На страницата подетално се објаснети и резултатите од досегашните избори. „Секогаш за изборите правиме сајт посветен на кампањата кој е различен од официјалниот партиски сајт и тоа го правиме веќе неколку избори по ред. На сајтот ќе може да се прочитаат имињата на кандидати, биографии, програми, агенди, настани, активности“, објаснува Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, партијата се' уште не го стави на сајтот најавениот интерен конкурс за избор на претседател. Интерен конкурс за самокандидирање стои и на сајтот на СДСМ, но тој се однесува за градоначалници и е одамна изминат. Во СДСМ велат дека сајтот веќе извесно време им е во изработка и се чека на негово ажурирање. Но, според партиски извори, самокандидирањето се однесува и за претседателските кандидати кои можат да се кандидираат во општините. „За стратегијата за промовирање на партијата пред избори ќе одлучи Централниот изборен штаб, кој ќе биде формиран непосредно пред кампањата. Вообичаено изготвуваме посебна веб-страница за изборите каде што се презентираат сите активности поврзани со изборите“, велат во партијата. ДУИ и ДПА им се обраќаат на своите гласачи преку веб-сајтовите кои се напишани само на албански. Иако размислуваат да ги направат и на македонски. Од ДУИ најавуваат нова веб-страница за изборите, но не кажуваат какви содржини ќе има. ДПА , пак, ќе има посебен линк на страницата. Од некогаш ажурираната страница на ВМРО-Народна останале само говорите на сега почесниот лидер Љупчо Георгиевски објавени уште пред две-три години. Сегашниот лидер на партијата, Марјан Додовски вели дека прашање на денови е кога страницата ќе добие нов лик, а ја најавува и можноста да имаат и посебна веб-страница за изборите.

Извор: (20.1.09). Веб-сајтовите на партиите замрзнати пред избори. Утрински Весник.

Нема коментари: