вторник, 13 јануари 2009

Утрински: „Кејблтел“ им ги кине нервите на корисниците

Прекини на телевизијата и по неколку часа, слаб сигнал, исклучување канали и предводи, паѓање на Интернет сообраќајот - се проблеми со кои секојдневно се соочуваат корисниците на услугите на кабелскиот оператор „Кејблтел“. Граѓаните се жалат дека навремено ги плаќаат сите сметки, кои пред неколку месеци поскапеа за 100 денари, поточно од 350 на 450 денари, а за возврат добиваат прекини во Интернет и кабелските услуги. Тоа најинтензивно се случуваше за време на новогодишните и божикните празници, кога најмногу се користи Интернет и се гледа телевизија. Од „Кејблтел“ на овие поплаки одговараат дека проблемот наскоро ќе биде решен, бидејќи нивните екипи од вчера излегле на терен за да ги отстранат недостатоците. Но, корисниците реагираат дека таквата инертност е недопустлива ако се знае дека проблемот со кабелското опслужување постои повеќе од еден месец наназад. „Му плаќам на ’Кејблтел‘ 450 денари за кабелска, плус 350 за дигитална телевизија, поради дополнителните канали и плус 500 денари за Интернет. Тоа значи дека овој оператор од мене добива 1.400 денари секој месец, а се што добивам од него се чести прекини во програмата и Интернет- конекцијата. Најчести прекини имаше за време на новогодишните празници, кога овие услуги ми беа и најпотребни. Најдраматичен беше моментот кога го гледав натпреварот меѓу Динамо, кој го обожавам, и Хајдук, кој не можам да го смислам, и ми снема сигнал. Е, тогаш бев подготвен на се'. Згора на се', кога сакам да го пријавам прекинот, никој никогаш не се јавува на дежурниот телефон“, се жали еден скопјанец, жител на Општина Кисела Вода. Овој пример на незадоволен корисник на услугите на „Кејблтел“ не е осамен. Повеќе жители реагираат на лошите услуги. И додека граѓаните на Кисела Вода најмногу се соочуваат со проблемот на прекини во конекцијата на сигналите, жителите од другите делови на градот се жалат на подолг прекин на некои канали, како што е ТВ Нова.„Ја исклучуваа Нова во време кога се емитуваше ’Операција триумф‘, но и по завршувањето на ова шоу, ние апстинираме од гледање на овој канал, бидејќи ’Кејблтел‘ често не го вклучува. Освен тоа, сигналот на оние програми кои ни се на располагање е многу слаб. Се' на се', овој оператор не нуди никаква услуга“, вели жителка на Карпош.Образложението на „Кејблтел“ за честите прекини во опслужувањето на граѓаните со нивните услуги е дека тоа било поради прекинот во напојување со електрична енергија. „Во реонот на Кисела Вода изминатиов период имаше прекин во напојувањето со електрична енергија, поради што нашата мрежа не можеше да дистрибуира сигнал до корисниците и поради тоа немаше можност да се следат програмите и да се користи Интернет-услугата“, вели менаџерот за програмски пакети во „Кејблтел“, Лидија Голубова.Таа најавува дека деновиве проблемот ќе биде решен, бидејќи вчера екипи излегле на терен и работат на надминување на проблемот. „И за нас не е пријатна ситуација, бидејќи имаме чести поплаки за прекините, но со интервенцијата на терен се надеваме дека овие проблеми ќе бидат отстранети и клиентите ќе добијат редовна дистрибуција на сигналите“, објаснува Голубова. Поплаките на граѓаните се од оние делови каде што нема алтернативен избор за кабелски оператор. Еден од најголемите конкуренти на овој странски оператор, е домашниот „Телекабел“, кој се' уште се нема проширено во сите населби низ Скопје. Дел од незадоволните тврдат дека се пријавиле за „Макс ТВ“ на „Т-хоум“, бидејќи таа понуда е подобра, иако е поскапа. Што се однесува до негодувањето на граѓаните дека не можат ниту да се пожалат на лошата услуга на „Кејблтел“, бидејќи никој не се јавува на телефоните, од овој кабелски оператор велат дека кога сите оператори се зафатени, корисникот добива сигнал за слободна линија, но мора да се почека или да се јави повторно. Но, оттаму изразуваат и сомневање дека операторите намерно не се јавуваат на дежурните линии.

Извор: (13.1.09). „Кејблтел“ им ги кине нервите на корисниците . Утрински Весник.

Нема коментари: