вторник, 27 јануари 2009

Дневник: Учениците ќе плаќаат за украдените компјутери

Државниот просветен инспекторат поднесол пријави на 42 средни училишта од вкупно 93 за оштетувања и кражба на компјутери, монитори, глувчиња и тастатури. Штетата ќе ја плаќаат учениците, зашто училиштата, по укинувањето на партиципацијата што ја плаќаа учениците за тековно одржување, немаат пари да ги осигураат компјутерите. Со проектот „Компјутер за секое дете“ во средните училишта беа инсталирани 55.000 компјутери во 93 училишта.

Директорот на Државниот просветен инспекторат, Роберт Ѓоргиев, вели дека средните училишта треба да имаат обезбедување од општините за да се спречат крадците. Компјутерите ги обезбеди Министерството за образование и наука. Ѓоргиев додава дека училиштата треба да направат правилници за надоместување на штетата на компјутерите. Надоместокот ќе го одредува секое училиште посебно.

- Многу компјутери недостигаат. Директорите на овие училишта каде што се случиле кражбите и оштетувањата ќе добијат прекршочни пријави. Најголем бој украдени компјутери и компјутерска опрема има во средното училиште од Струга „Ибраим Темо“, но и во училиштата во Скопје. Во средното училиште „Владо Тасевски“, во „Панче Караѓозов“, „Цветан Димов“ и други - вели Ѓоргиев.

Според инспекторатот, во струшкото средно училиште е направена најголема штета. Констатирано е дека недостигаат 52 компјутери, 171 монитор, 246 тастатури и 319 глувчиња.

Директорите од средните училишта велат дека се' уште компјутерите се водат на Министерството за информатичко општество, но дека за нив се задолжени училиштата. Тие додаваат дека од ресорното министерство добиле само допис да направат правилници за надоместување на штети за компјутерите. Не знаат колкава треба да биде казната и како да ја наплаќаат штетата. Директорите се жалат дека немаат пари да ги осигураат компјутерите. Малку од училиштата го направиле тоа.

Директорот на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, Марјан Алабаковски, вели дека осигурување на компјутерите нема, затоа што училиштето нема пари, а има и вишок на паралелки.

- Кога дојде осигурителната компанија и виде дека наставата не е во еден клас и откако видоа дека не можат да го обезбедат, се откажаа. Имаме пријавено оштетувања, но тие ќе си ги плати ученикот - вели Алабаковски.Наставниците велат дека за компјутерите се задолжени учениците. Во училиштата по еден монитор им следува на двајца ученици, по еден во двете смени. Од струшкото средно училиште „Ибраим Темо“, директорот Муса Мусаи вели дека има оштетени и украдени компјутери, но дека тоа е пријавено во полиција и дека крадците се' уште не се откриени.

- Ни наредија само да ги поставиме, без да знаат колкав е бројот на ученици. Знаеме дека има штета, но немаме соодветна комисија која би проценила колкава е. Од Министерството не ни кажуваат колкава да биде висината на казните. Компјутерите не се осигурани зашто уште не ни се предадени од Министерството за информатичко општество - вели Мусаи.Од средното училиште „Владо Тасевски“ велат дека осигурување ќе има ако Министерството за образование даде средства за тоа. Велат дека партиципацијата ја вратиле, па сега немаат пари за тоа.

- Во Министерството ни рекоа да направиме правилници. Во нив да стои дека штетата ќе ја плати ученикот со тоа што сумата ќе ја уплати на сметка на училиштето. Тоа ќе биде тешко, бидејќи имаме само по еден администратор кој е задолжен во пет училишта. Друг проблем е што треба да се научат учениците да не ги оштетуваат компјутерите - вели директорката Снежана Божиновска.

Државниот секретар во Министерството за образование, Дарко Митевски, вели дека пари во блок-дотации се префрлени во Општината на град Скопје и дека тие се задолжени да ги распределат и да се погрижат да ги осигураат компјутерите.Ниту од Министерството за информатичко општество не знаат колкава е точно штетата направена во училиштата.

- Собираме информации, ама не знаеме колкава е штетата, но казни ќе добијат директорите. Треба време да утврдиме каква е состојбата во училиштата - велат од Министерството.

Извор: (27.1.09). Учениците ќе плаќаат за украдените компјутери. Дневник.

Нема коментари: