среда, 9 јули 2008

Дневник: Македонски софтвер ги прелистува плановите на НАСА

УСПЕШЕН ПРОЕКТ НА ФИРМАТА СИВУС

Прегледникот не е конкурент на Микрософт, туку додаток, кој на корисниците им нуди пристап до тоа што им е потребно, без да навл егуваат подлабоко во проблематиката

Доказ дека македонските програмери може да се справата со светската конкуренција е Seavus Project Viewer, алатка за прегледување планови, од која на глобалниот пазар на софтвер досега се продадени повеќе од 500.000 примероци. За овој продукт се одлучиле многу приватни компании, но и државни структури од западноевропските земји и од САД. Американската армија, администрацијата, вселенската агенција НАСА и Федералното биро за истраги (ФБИ) се само неколку од звучните имиња што му укажаа доверба на македонскиот софтвер. Од приватниот сектор помеѓу купувачите на прегледникот, чија прва верзија во 2003 година ја создадоа тројца македонски програмери, се и гигантските корпорации: „Волво“, „Сони“, „Ербас“, „Јамаха“, „Мишелин“, „Хонда“, „Самсунг“, „Рено“, „Теле 2“ и многу други

КОМПАТИБИЛНОСТА НАЈСИЛЕН АДУТ

- Првата верзија беше нарачка на Волво и беше наменета за интерните потреби на компанијата. На нејзиниот развој се работеше шест месеци, а набрзо откако од автомобилскиот гигант добивме позитивни реакции, решивме да го унапредиме производот и да го понудиме на глобалниот пазар. Seavus Project Viewer, кој е изработен во програмскиот јазик C++, денес го користат повеќе од 150 од 500-те најдобро рангирани компании на листата на угледниот бизнис-магазин „Форбс“ - вели Александар Благоевски-Тразоф, раководител на секторот за продажба и маркетинг на производи.

Најсилниот адут што го проби македонскиот прегледник на глобалниот пазар на софтвер се неговата компатибилност со Микрософт проект планерот, програма во која се изработуваат плановите и се внесуваат сите податоци за проектот што се подготвува.Интерфејсот е речиси идентичен и корисниците лесно се приспособуваат кон него. Маркетинг аналитичарите тогаш оценија дека на пазарот има празнина за прегледник од ваков тип. Факт е дека, без оглед за која индустриска гранка или државен сектор се работи, најголемиот дел од учесниците во проектот имаат потреба само да ги гледаат плановите од кои добиваат насоки за работните задачи, но не и да ги менуваат истите - објасни Благоевски-Тразоф.

Промоцијата на програмата се одвива преку интернет-порталот на македонската компанија на која на потенцијалните купувачи им се нуди и пробна верзија. По одреден временски рок, тие што ќе се одлучат да ја купат дозволата за истата треба да платат 30 евра. Оваа сума е десетпати помала од таа што компанија или физичко лице треба да ја издвои за Микрософт проект планер. На овој начин, менаџерите заштедуваат голем дел од проектираниот буџет, бидејќи не се принудени да плаќаат за опции што воопшто и нема да ги искористат во нивната работа. Нашиот продукт не е конкурент на Микрософт, туку, додаток, кој на одреден број корисници им нуди лесен пристап до тоа што им е потребно, без да навлегуваат подлабоко во проблематиката - додава маркетинг-менаџерот.

НОВИ РАБОТНИ МЕСТА

Поради големиот комерцијален успех на прегледникот, македонската компанија го зголеми тимот што работи на негов понатамошен развој. Сега, тимот чие јадро го сочинуваа само тројца програмери порасна на над триесетина луѓе. Освен програмери, дополнително се ангажирани етнолог, биоинформатичар, психолог, математичар и физичар. Нивна задача е да го приспособат производот на пазарот во согласност со културата, обичаите и навиките во одреден регион. Особено се карактеристични азиските компании, за кои треба да се обрне посебно внимание за боите, знаците и на симболите што се употребуваат, бидејќи не секаде во светот тие имаат исто значење вели Благоевски-Тразов. Оригиналната верзија на Seavus Project Viewer е на англиски јазик, а е преведен и на германски, француски, шпански, чешки и на јапонски.

Извор: Владимир Лочев. (9.7.2008). Македонски софтвер ги прелистува плановите на НАСА. Дневник.

Нема коментари: