понеделник, 14 јули 2008

Утрински: Телевизиите со нови канали во битка за гледачите

Телевизиите со нови канали во битка за гледачите

А2 стартува на 1 септември, сега експериментално ја проверува реакцијата на гледачите

Македонскиот медиумски простор се збогатува со нови канали што ги добија постојните телевизии кои обезбедија концесии за емитување програма преку сателит. Советот за радиодифузија им издаде вакви дозволи на телевизиите А2, на Канал 5 плус и на Сител 3, но прва ќе стартува новата ТВ-куќа А2 на Велија Рамковски.

Од неодамна А2 почна со експериментална програма, а од 1 септември, како што вели Александар Чомовски, главниот и одговорен уредник, кој заедно со засилена новинарска екипа во иднина ќе се појавува само на новиот канал, ќе стартуваат информативните содржини. Телевизиите кои добија концесија за нови канали кои ќе ја емитуваат програмата преку сателит, ќе мора да понудат сосема поинакви содржини, не смеат да емитуваат нелиценцирана програма, туку само свои или купена програми од директни дилери, без посредници. Тоа значи дека не смеат да реемитуваат симнати програми, туку многу повеќе ќе мора да ги осмислуваат сопствените содржини и да ги почитуваат законите за оваа сфера. Без тоа може да ја изгубат лиценцата за сателитски канал.

А2 ќе понуди содржини кои програмски, кадровски и уредувачки ќе бидат независни од оние што се емитуваат на А1 телевизија. Сателитската информативна програма А2 се концентрира околу Студио 2 од кое ќе се емитува секој ден во 18 и во 21 часот. Според Чомовски, станува збор за политичко информативно и лајф шоу, 50-минутни информативни магазини, чиј интегрален дел ќе бидат секојдневни шоуа од различни области на познати новинарски имиња.

„Гледачите на А2 секој ден ќе имаат можност да ги следат Борјан Јовановски со евротеми, Атанас Кировски со регионални и теми од Македонија, поеднечните шоу-програми на Снежана Лупевска и на Чомовски, а уредници- водители ќе бидат Лирим Дулови и Љубиша Николовски. Освен тоа, ќе има и група водители и новинари - аналитичари“, вели Чомовски и објаснува дека основна уредувачка цел им е „да не ги заморуваме гледачите со егоцентризмот на македонските политичари, туку да го привлечеме програмскиот интерес на новата граѓанска средина, при што многу повеќе ќе се свртиме кон информациите од светот и од регионот“.

Во оваа експериментална фаза во која новата телевизија се' уште се екипира со познати, но и млади новинари, во живо го тестираат и концептот и новите технички потенцијали на А2.

И Канал 5 плус доби лиценца за сателитско емитување. Но, бидејќи програмата треба да ја подготват во рок од една година, директорката на Канал 5, Анита Каленикова, само кусо рече дека „програмските содржини ќе бидат од општ формат“, без да прецизира што ќе им понудат на гледачите. Горан Иванов, директорот на Сител беше недостапен за информации.

Извор: Б.Ј. (14.7.2008). Телевизиите со нови канали во битка за гледачите. Утрински Весник.


Нема коментари: