петок, 25 јули 2008

Дневник: Државната телевизија пред стечај

Владата предложила законски промени со кои ќе се дозволи ликвидација на презадолжениот и нефункционален јавен сервис.

Македонската радио-телевизија ќе оди во стечај бидејќи веќе не е во состојба да ја извршува функцијата на ефикасен јавен радиодифузен сервис. Стечајната постапка ќе почне штом ќе бидат усвоени промените во Законот за радиодифузната дејност, кои вчера беа доставени во Собранието. Со измените во Законот што ги предложила Владата ќе се воведе „стечај и ликвидација на јавно радиодифузно претпријатие и трговско радиодифузно друштво“. Таквата можност досега не постоеше. Владата предвидува во иднина да може да се одвојуваат и „државни буџетски пари за постигнување и одржување поголем степен на програмски и технолошкиот развој на јавниот радиодифузен сервис“. Истовремено, се предлага граѓаните да плаќаат радиодифузна такса од 130 денари.„И покрај активностите за реализација на санациската програма ЈП МРТ се соочува со проблемот на сервисирањето на обврските. Во вакви услови, поради напластените долгогодишни проблеми и долгови не е во состојба да биде транспарентен и независен јавен сервис. Нема ниту систем што би овозможил прибирање на радиодифузната такса. МРТ повеќратно е празадожена и со евидентна превработеност и несоодветен стручен кадар“, пишува во предлогот на Владата.

Според сознанијата, сценариото на Владата за МРТ предвидува целосна ликвидација на фирмата и отпуштање на сите околу 1.110 вработени. Потоа, би се формирало ново јавно радиодифузно претпријатие со помалку вработени. Се навестува оти тогаш ќе се решава и за името на новиот јавен сервис и за евентуалното преименување во Радио-телевизија Македонија.Долгот на МРТ кон различни доверители сега се движи од 10 до 15 милиони евра, а е најголем кон комуналните претпријатија. Вработените веќе неколку месеци не примиле плата и повеќе недели штрајкуваат. Кризата со финансирањето Владата досега ја решаваше со префрлување на парите позајмени од другите јавни претпријатија. Една од причините за лошата финансиска состојба е неможноста да се наплатува радиодифузната такса. Влошувањето на состојбите во МРТ, која своевремено беше една од најразвиените национални информативни куќи, трае цели петнаесетина години.

Укинати се повеќе сектори и служби, а се отпуштени и голем број вработени. Состојбите наликуваат на хаос поради постојаниот конфликт помеѓу синдикатот и директорот Јанез Сајовиц околу предвидените отпуштања како една од мерките за санирање на состојбите. Во минатиот месец, во МРТ околу 130 вработени беа прогласени за технолошки вишок, а откази беа најавени и за сите дописници. Нивното отпуштање, според најавите, требало да се изврши во септември.Генералниот директор Јанез Сајовиц вчера не беше достапен на мобилен телефон за коментар на намерата на Владата за стечај на МРТ. Во МРТ неодамна се случи и промена на чело на Управниот одбор при што на местото на сменетиот Леонид Наков беше назначен Тренчо Миленкоски. Во круговите на МРТ тогаш имаше неофицијални навестување дека наскоро ќе се изврши стечајот на претпријатието. При ова, не се предвидува прекин на работата на јавниот сервис бидејќи веднаш ќе се основа нов јавен радиодифузер, без долгови и со нов совет и управен одбор.Од пратеничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера изјавија дека тие побарале „консултации“ за предложените промени на законот.

Извор: М.Т. - Б.Ѓ. (25.07.2008). Државната телевизија пред стечај. Дневник.

Нема коментари: