петок, 11 јули 2008

Вечер: Телекабел - фиксен оператор

ОД 1 СЕПТЕМВРИ

Телекабел - фиксен оператор

Кабелскиот оператор Телекабел влегува во бизнисот со фиксна телефонија заедно со австриски партнер. Од фирмата најавија дека со комерцијална работа ќе почнат од 1 септември, но не прецизираат детали околу цените на разговорите освен тоа дека ќе бидат пониски од постојните на пазарот. Зоран Илиев, управител во Телекабел вели дека деновиве потпишале интерконекциски договор со Македонски Телеком со кој им е овозможено да остварат врска со телекомуникациски оператори од странство.
- И досега бевме подготвени за нудење на телефонија, но проблем беа високите интерконекциски цени. Не очекувам дека Телеком ќе ги намали цените за меѓусебното поврзување и сам да си забие нож во грб, но затоа на потег е Агенцијата за електронски комуникации која треба да ги следи примерите на регулаторните тела во земјите од Европската Унија - вели Илиев.

Од Телекабел ќе стартувале со фиксна телефонија секаде каде имаат поставено кабелска мрежа. Стопроцентна покриеност имаат во Битола, Штип и Свети Николе, а 70 проценти во Скопје. Деновиве Телекабел стартуваше со работа во Струмица, а од октомври и во Велес.
Австриската компанија Aicall со која Телекабел ќе работи на полето на фиксната телефонија има долгогодишно искуство во Австрија.
На пазарот на фиксна телефонија што до неодамна беше целосно под монопол на Македонски Телеком, сега работат уште два оператори: Космофон и Онтел, кој е под капата на Словенечки телеком.

Извор: С.Бл. (11.7.2008). Телекабел - фиксен оператор. Вечер.

Нема коментари: