понеделник, 14 јули 2008

Вечер: Донесовме конкуренција во мобилната, а сега и во фиксната телефонија

ПЕТРОС ЛЕФКОВИЦ, ГЕНЕРАЛЕН ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА КОСМОФОН

Донесовме конкуренција во мобилната, а сега и во фиксната телефонија

Можеме да им понудиме на нашите корисници сеопфатни решенија што ги покриваат и најсофистицираните комуникациски потреби, не само во фиксната и мобилната телефонија, туку и интегрирани решенија во сферата на интернет, 3-Г и безжична комуникација, вели Лефковиц

Работиме со полна пареа со цел да ги финализираме сите неопходни работи и во следните неколку недели да ги воведеме услугите 3-Г и WiMax. И двете технологии ќе им овозможат на нашите корисници влез во еден нов свет на телекомуникации, полн со можности и придобивки. Ова го тврди генералниот извршен директор на Космофон, Петрос Лефковиц со кого поразговаравме за овие тековни и амбициозни проекти, со кои очекува неговата компанија да ја зацврсти позицијата на технолошки лидер во земјата.

Во текот на последните пет години, Космофон успешно се позиционираше на домашниот пазар на мобилна телефонија. Колку сте задоволни со постигнатото, имајќи предвид дека работите со конкуренција во текот на целиот овој период?
Работењето во конкурентна средина не е ништо ново за нас. Како дел од семејството на Космоте, кое е присутно на пет пазари во Југоисточна Европа, знаеме што значи вистинска конкуренција. Всушност, ние ја донесовме конкуренцијата во мобилната телефонија во земјата. Исто така, ние сега воведуваме вистинска конкуренција и во фиксната телефонија. Се разбира, конкуренцијата мора да биде фер, транспарентна и да важат исти правила за сите пазарни субјекти. Ако постојат вакви услови, корисниците се тие кои имаат најголема корист, што е секогаш наш прв приоритет. Имаме одлични производи и услуги, воведовме нови технологии, најсовремена мрежа, имаме високо квалитетен и исклучително посветен персонал. Поради сите овие аспекти, ние сме силни и конкурентни на пазарот, со што ја стекнавме довербата на над 620.000 корисници.

Што се однесува до нашите резултати, тие зборуваат сами за себе. За само пет години постоење на пазарот, Космофон ја прошири својата телекомуникациска мрежа која во моментов покрива 99,8 проценти од населението низ целата земја, нуди широко портфолио на конкурентни производи и квалитетни услуги, истовремено развивајќи силна малопродажна мрежа од 218 продавници и околу 5.500 продажни места низ целата земја. Преку партнерството Космоте - Германос, се создаде значајна основа за придобивање на нови корисници. Ова се исклучителни резултати и достигнувања. Во Космофон сме навистина горди на тоа и мотивирани да постигнеме уште повеќе.

Минатата година беше многу успешна за Космофон. Го добивте тендерот за обезбедување телекомуникациски услуги на државната администрација; добивте 3-Г и WiMax лиценци и влеговте во фиксната телефонија. Кажете ни нешто повеќе за ова.
Последните 12 месеца беа многу важни за нас. Го добивме тендерот за обезбедување телекомуникациски услуги на Владата, добивме 3-Г и WiMax лиценци како резултат на тоа што имавме најдобри понуди. Влеговме во фиксната телефонија и понудивме конкурентни, технолошки напредни и едноставни решенија, со големи придобивки за корисниците.

Што се однесува до 3-Г и WiMax, работиме со полна пареа со цел да ги финализираме сите неопходни работи и да ги воведеме услугите во следните неколку недели. И двете технологии ќе им овозможат на нашите корисници влез во еден нов свет на телекомуникации, полн со можности и придобивки.

Со сите овие тековни и амбициозни проекти, Космофон ја зацврсти својата позиција на технолошки лидер во земјата, нудејќи најдобри и најконкурентни, технолошки напредни решенија по мерка, дури и на најпребирливите корисници. Со нашето широко и сеопфатно портфолио, кое покрај мобилните услуги вклучува и фиксна телефонија, 3-Г и WiMax, ние сме единствениот оператор кој може да понуди комплетно комуникациско решение на пазарот.

Кажете ни поконкретно, како може мобилен оператор да нуди фиксна телефонија?
Не е необично некоја компанија да го прошири своето портфолио и да влезе во друга бизнис сфера. Во нашиот случај, станува збор за телекомуникациска компанија која влегува во друг сектор на пазарот. Нашата фиксна телефонија ALLO се заснова врз ГСМ технологија, а се реализира преку најсовремена телекомуникациска мрежа која покрива над 99,8 проценти од населението низ целата земја. Фиксна телефонија преку ГСМ значи дека нема потреба од инсталирање на кабли, со што на корисниците им се заштедува време и пари. На овој начин, фиксната телефонија сега е лесна за користење и достапна за сите, дури и во најоддалечените области на земјата, исто како и мобилната телефонија.
Зошто корисниците би избрале мобилен наместо фиксен оператор за услуги на фиксната телефонија? Кои се причините за успехот на мобилните оператори низ цела Европа?
Мобилните оператори се повеќе се претвораат во место каде корисниците можат да ги покријат сите свои комуникациски потреби. На пример, Космофон влезе во фиксната телефонија и наскоро ќе воведе 3-Г и WiMax. Во тоа е нашата најголема моќ: ние можеме да им понудиме на нашите корисници сеопфатни решенија што ги покриваат и најсофистицираните комуникациски потреби, не само во сферата на фиксната и мобилната телефонија, туку и интегрирани решенија во сферата на интернет, 3-Г и безжична комуникација. Корисниците знаат дека какви и да се нивните комуникациски потреби, ние ќе им ја овозможиме вистинската услуга по вистинска цена. Ова создава многу важна конкурентна предност за нас и за сите оператори што го прошириле своето портфолио.

Станува се појасно дека Deutsche Telekom влегува во ОТЕ, со што тие стануваат сопственици и на Космофон. Во тој случај, Deutsche Telekom ќе ги поседува двата најголеми и најмоќни оператори во земјата, Т-Мобиле и Космофон, кои заедно држат 90 проценти од пазарот. Домашната регулатива предвидува дека секое групирање што надминува 40 проценти од клиентите и услугите на пазарот е предуслов за постоење на монопол. Се шпекулираше и дека Космофон ќе се затвора или ќе работи само како WiMax оператор. Што се случува со Космофон во вакви околности?
Да, ги слушнав тие шпекулации. Космофон категорично ги негираше како неосновани, а и јас самиот неколку пати го сторив истото. Неодамна и претседателот и извршен директор на ОТЕ и Космоте, г. Панагис Вурлумис ги карактеризираше тие шпекулации за Космофон како "неодговорни новинарски информации" и јасно ги негираше сите шпекулации за затворање на компанијата. Јас само уште еднаш ќе го повторам она што веќе е кажано: Космофон продолжува да работи, инвестира и расте. Ние имплементиравме и се уште работиме на бројни големи и амбициозни проекти, инвестиравме повеќе од 200 милиони евра во земјата и не постои бизнис логика која би го оправдала затворањето на компанијата.

Работите во Космофон веќе половина година. Кое е вашето мислење за потенцијалот на вашите вработени?
Јас сум многу горд на нашите вработени. Тоа се млади, динамични и предани луѓе кои ја извршуваат својата работа со висок професионализам, фокусирајќи ги својот ентузијазам и енергија кон остварување на компаниската визија и цели. Квалитетот и преданоста на вработените на Космофон ми беа познати и пред да станам генерален директор на компанијата. Сепак, навистина е убаво и инспирира фактот што моите очекувања се надминати. Пред нас е реализација на уште многу планови и јас навистина се потпирам на нивната преданост и професионализам во остварувањето на заедничките цели.

Сте биле на водечка позиција во многу познати компании, вклучувајќи и компании од телекомуникацискиот сектор. Како го гледате телекомуникацискиот пазар во регионот во следните пет до десет години?
Тоа е навистина долг период за еден динамичен пазар како што е телекомуникацискиот, каде работите се менуваат секојдневно. Иновации во технологијата се случуваат секој момент, а и на пазарот се случуваат пресврти многу често. Сведоци сме на консолидација на западните пазари веќе подолго време, а тој тренд сега стигнува и во Југоисточна Европа. Од друга страна, пак, очекувам дека многубројните технолошки иновации ќе станат секојдневие за потрошувачите на овие простори, како што се: т.н. Triple Play пакети (интернет, ТВ и телефонија), проширување на интерактивните услуги, како и поширока примена на м(мобилна)трговија, м(мобилно)плаќање итн, се разбира, доколку во тоа се вклучат и другите засегнати институции, како на пример банките. Тоа значи дека за еволуцијата ќе придонесуваат и другите индустрии, а не само мобилните оператори. Телекомуникацискиот пазар е и ќе остане многу возбудлив и интересен, ќе продолжи да носи бројни технолошки напредни производи и услуги што ќе ја олеснуваат нашата комуникација, ќе ни овозможуваат повеќе избор и извори за забава, образование и информации. Искрено, ме радува што сум дел од сето тоа.

Извор: Светлана Блажевска. (14.7.2008). Донесовме конкуренција во мобилната, а сега и во фиксната телефонија. Вечер.


Нема коментари: