четврток, 3 јули 2008

Нова Македонија: Антикорупционерите предлагаат семинари за да се спречи судирот на интереси

Антикорупциската комисија вчера ја објави Државната програма за превенција и за намалување на појавата на судир на интереси. Антикорупционерите препорачуваат едукации, семинари, донесување етички кодекси, проверки на индиции за судир на интереси и измени на закони за да се спречат непотизмот и роднинските вработувања.
„При остварувањето на своите функции, службените лица треба да донесуваат одлуки исклучиво насочени кон остварувањето на јавниот интерес и не смеат да се раководат од етнички, религиозни, партиско-политички, семејни и други интереси. Од нив се очекува да се воздржат или изземат од какви било активности во кои имаат приватен интерес, со што би се одбегнал каков било сомнеж во објективното постапување“, се вели во програмата.
Антикорупциската комисија предлага да се направи водич со правила за однесување на службените лица кога ќе се најдат во ситуација на реален судир на интереси.
„Секогаш кога службеното лице може во процесот на одлучување да ја злоупотреби сопствената позиција за да изврши или да прикрие влијание со што може да оствари лична финансиска корист, постои судир на интереси“, заклучиле антикорупционерите.
Затоа тие предлагаат јасно да се дефинира непотизмот, начинот на постапување при неговото појавување и воведување обврска за пријавување на семејните и на роднинските релации од страна на службените лица.

Извор: (03.07.2008). Антикорупционерите предлагаат семинари за да се спречи судирот на интереси. Нова Македонија.

Нема коментари: