сабота, 26 јули 2008

Вечер: Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка

Апостол Тноковски, студент на Првиот приватен универзитет Европски универзитет РМ, на само 25 години дизајнираше компјутер во форма на топка, со која на натпревар на Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери постигна забележителен успех. Од 1000 конкуренти влезе во тесниот избор од 80-тина.

Студентот во трета година на отсекот графички дизајн, на Факултетот за арт и дизајн, го изработи визуелниот идентитет на тренинг центарот ЦС Глобал од Скопје, извесен период работеше во маркетинг агенција, каде дизајнираше печатени материјали. Ја дизајнираше и веб-страницата на годинашниот Скопски филмски фестивал во соработка со доц. Гордана Вренцоска. Моментално работи во продукцијата "Наше маало" како графички дизајнер.

Учествуваше на натпревар на Мајкрософт. Појасни ни за што станува збор?
- NEXT GENERATION PC DESIGN COMPETITION е натпревар организиран од Мајкрософт за дизајн на нова генерација на персонални компјутери. Овој натпревар се организира со цел да се генерираат нови идеи, кои би придонеле за развојот на компјутерската индустрија во иднина. Оваа година беа пријавено над 1000 концепти од целиот свет, а јас успеав да влезам во 80-те најдобри. Влегов со мојот концепт за многу мал персонален компјутер со невообичаен облик на топка. Концептот е наречен E-BALL, односно електронска топка.

Објасни ни го концептот на твојот проект
- E-ball е производ со дијаметар од 16 сантиметри. Целата идеја ми беше тоа да биде најмалиот компјутер со најчуден облик. Кога велам најмалиот, не мислам на ПДА компјутер кој има релативно ограничени карактеристики, туку мислам на најмал персонален компјутер со карактеристики на десктоп/лаптоп компјутер: ДВД рекордер, Хард диск со голем капацитет, многу рам меморија, солидна графичка картичка, голем екран и сл. Основна карактеристика на овој производ е компактноста на елементите.

Дали мислиш дека проектираше практичен и атрактивен производ?
- Овој производ би бил доста примамлив за бизнисмените, како и за тинејџерите. Еве некои карактеристики кој го прават овој производ примамлив: мала димензија (можеме да го носиме в џеб, кога не го користиме да го чуваме во фиока), уникатна форма, можност да се користи за презентации без носење на дополнителни елементи како звучници и проектор, можност да се користи како целосен мултимедијален центар (за слушање музика, гледање филмови на проектор, сурфање и сл.).

Од каде дозна за конкурсот и дали ова Ти е прво учество на ваков конкурс?
- Во последниве неколку години многу често учествувам на конкурси за индустриски дизајн и мислам дека веќе ми станаа навика. Бидејќи се работи за конкурси на кои проектите се праќаат преку интернет, преку интернет пребарување доаѓам до информација за некои конкурси, така го открив и конкурсот на Мајкрософт.

Извор: (26.7.08). Студент од ЕУРМ дизајнираше компјутер во форма на топка. Вечер.

Нема коментари: