среда, 28 ноември 2007

Време:На Интернет и банкарските сметки на одгледувачите на говеда

Стотици имиња и презимиња, матични броеви и банкарски сметки, Министерството за земјоделство и водостопанство неовластено ги објави на својата веб-страница. Поводот за објавување на овие податоци е исплатата на субвенции на одгледувачите на говеда за 2007 година, а последицата - кршење на Законот за лични податоци и можност за злоупотреба на податоците на овие лица.
Од Дирекцијата за заштита на личните податоци велат дека иако намерата на министерството најверојатно била најдобра, во овој случај е направена грешка. Министерството настојувало да биде транспарентно со тоа што ги објавило банкарските сметки и банките, меѓутоа со тоа објавило лични податоци и извршило повреда на доверливиот однос банка-клиент.
- Ако на пример отидете во банка и прашате дали тоа и тоа лице има сметка кај вас, тие не смеат да дадат таква информација, а да не зборуваме да ви го дадат бројот на сметката. Министерството за земјоделство на својата веб-страница ги открива сите овие информации - вели Зоран Пандев, заменик-директор во Дирекцијата за заштита на личните податоци.
Ова не е единствен случај Министерството за земјоделство бесправно да објавува лични податоци. За исплатата на субвенциите за 2006 година министерството покрај името и презимето на лицата на кои им се доделени субвенциите и сумата која им е исплатена, на својата веб-страница ги објави и нивните адреси.
- Во овој случај не можам, а да не мислам на тоа за што се може да бидат искористени овие информации. Помислете на сите оние лица кои живеат во руралните средини, сами. Идеална мета за крадците. Доволно е да ја отворат веб-страницата на министерството, да видат дека добиле 30 или 40 илјади денари, да ја прочитаат адресата и да појдат во поход. Колку пати се случило во изминативе години, старци да бидат нападнати во нивните домови и ограбени - вели Пандев.
Според него, ако министерството сакало да биде транспарентно доволно било да се објави името, презимето, датумот на раѓање , општината во која живее лицето и сумата која е доделена. На овој начин би биле заштитени и корисниците на субвенциите и министерството.
Од Министерството велат дека ова било ненамерна грешка која веднаш ќе ја исправат.
- Превид. Веднаш ќе реагираме и ќе ја поправиме грешката - вети Соња Трајкова, портпаролка на Министерството за земјоделство.
Таа остана на ветувањето бидејќи истиот ден податоците беа тргнати од веб-страницата на министерството.
Од 19 декември стапува на сила новиот Закон за заштита на лични податоци, според кој за објавување на лични податоци ќе може да се поднесе и прекршочна пријава. Досега Дирекцијата за заштита на лични податоци можеше на прекршителите да им достави само указ, а од декември прекршокот и ќе се казнува. За правни лица казната ќе изнесува од 200 до 300 илјади денари, додека за физички од 40 до 50 илјади денари. Во двата случаја може да се изрече и забрана за обработка на лични податоци.


Извор:
Ивана Билбиловска. (28.11.2007). На Интернет и банкарските сметки на одгледувачите на говеда. Време.

Нема коментари: