сабота, 24 ноември 2007

Дневник: Секој петти Македонец користи интернет

Бројот на корисниците на интернет во Македонија во изминатите седум години е зголемен за 1.210 отсто, односно од 30.000 во 2000 на околу 400.000 годинава, покажуваат податоците објавени на веб-страницата „Интернет ворлд стат“, јави МИА. Околу 20 отсто од населението во земјава користи интернет.

Македонија е меѓу земјите со најбрз пораст на бројот на интернет-корисниците, но и натаму заостанува зад европските стандарди и повеќето свои соседи. Од земјите во регионот, земјава е пред Албанија (15,3 отсто) и пред Србија (13,9 отсто), а зад Хрватска (35,3 отсто), Грција (33,5 отсто), Бугарија (21,7 отсто) и Босна и Херцеговина (20,3 отсто). Во Европа, најмногу корисници на глобалната веб-мрежа има во Исланд (86,3 отсто) и во Шведска (75,6 отсто), а најмалку во Ватикан (12,1 отсто) и во Украина (11,5 отсто).

Според „Интернет ворлд стат“, во светот интернет користат околу 1,25 милијарди луѓе, а најмногу во САД - 211 милиони, во Кина - 162 милиони, Јапонија - 86 милиони и во Германија - 50 милиони.

Извор: (24.11.2007). Секој петти Македонец користи интернет. Дневник.

Нема коментари: