вторник, 20 ноември 2007

Вест: Владата ќе преземе 50 вработени од МРТ

Преземените работници ќе ја одржуваат и чистат големата зграда која е во сопственост на Владата и МРТ, а точната бројка на технолошки вишок ќе се утврдува во дијалог со Синдикатот, тврди директорот на МРТ Јанез Сајовиц

Околу 50 вработени, од вкупно 338 во Македонската радио-телевизија, чии имиња треба да се најдат на листата за технолошки вишок, се предвидува да ги преземе владината Служба за заеднички работи. Извршниот директор на МРТ Јанез Сајовиц објаснува дека преземањето на овие вработени е дел од преговорите меѓу раководството на јавниот радиодифузен сервис и владината Служба за да се надминат проблемите со одржувањето на висококатницата. МРТ во оваа зграда користи три, од вкупно 22 ката, но сите сметки за нејзиното одржување пристигнуваат кај јавниот радиодифузер.
"Според катастарските документи, зградата е во сопственост и на Владата и на МРТ. Претходното раководство го отстапило просторот без никаков надоместок и ниеден кираџија не плаќа кирија. Целта е трошоците да ги преземат владините институции и останатите кираџии кои се сместени во зградата. Дел од договорот е 50 вработени од МРТ да останат да го одржуваат и чистат просторот", вели Сајовиц.
Висококатницата има и 8 лифта, од кои само неколку работат, зашто нема пари за нивно одржување. Сајовиц објаснува дека поради големите трошоци што зградата ги влече со себе, дел од парите кои Владата и ги префрла на МРТ, наместо за плати за вработените и за потребите на телевизијата, се трошат за наплата на отужени побарувања. "Топлификација" побарува околу 1,6 милиони евра, УЈП 810 илјади евра, "Македонски телекомуникации" 500 илјади евра. "Сите овие тужби се со извршни решенија", вели Сајовиц.
Бројката од 338 лица, кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок, според Сајовиц, е се уште прелиминарна и во дијалог со синдикалната организација ќе се дефинира конечната листа за отпуштање, како и висината на испратнините. "При спроведувањето на новата систематизација клучно е да имаме дијалог со синдикалната организација, за да може да се избориме за подобри услови за оние што треба да ја напуштат МРТ. Во оваа фаза од санационата програма клучно е да има дијалог со синдикалната организација", вели Сајовиц.
Дел од вработените што треба да бидат прогласени за технолошки вишок во МРТ за неколку години треба да се пензионираат.

Извор: Т.Ј. (20.11.2007). Владата ќе преземе 50 вработени од МРТ. Вест.

Нема коментари: