петок, 30 ноември 2007

Нова Македонија: Урнат ТВ Парламентот

ТВПарламентот, кој неколку месеци стоеше на плоштадот Македонија, вчера, беше урнат од страна на градската комунална инспекција. Околу 25 работници со асистенција на полицијата вадеа делови од конструкцијата. “Леѓето од фирмата “Хот-Хот“ се наседнати и изманипулирани. Намерата била оваа шупа да стане постојан објект на плоштадот Македонија. Таа, мора да ја наречам шупа, е поставена без никакво одобрение или согласност од Градот, а не се платени никакви средства“, вели Александар Бошковиќ, раководител на одделението за инспекциски работи во град Скопје. Тој додава дека објектот не бил времен затоа што немало склучено договор, а за цврста градба не станува збор затоа што на тој дел неможело да се гради. “На почетокот мислевме дека станува збор за реклама, но кога видовме дека тука се снима емисија почнавме да реагираме. Испративме неколку предупредувања, но сопствениците ниту еднаш не се одзваа на поканата да дојдат. Затоа моравме да реагираме и објектот да се урне“, рече Бошковиќ. Понатаму, додава тој, ќе следува поднесување на кривична пријава за Ратко Савевски од општина Центар и градоначалникот Виолета Аларова. За А1 Телевизија, пак, Бошковиќ најави поднесување на прекршочна пријава. “Сите финансиски средства што се потрошени за уривањето, а се во висина од околу 200 илјади денари ќе биадт фактурирани на А1 Телевизија“, најави Бошковиќ. Случајот со ТВ Парламентот, вчера, се актуализираше и на седница на градсакиот Совет. Советникот Перивое Раниќ праша дали податоците што се презентираат на А1 Телевизија, а кои се однесуваат на висината на средствата што градоначалникот Трифун Костовски ги потрошил во неговиот досегашен мандат, се вистинити. На тоа доби одговор од претставник од градската администрација кој ги презентираше буџетите за 2005, 2006 и за 2007 година. “Основниот буџет во 2005 година изнесуваше 1,3 милијарда денари, за 2006 тој беше 1,1 милијарда денари. Заклучно со 30 септември годинава основниот буџет е 812 милиони денари“, образложи претставникот на администрацијата. На тоа, Раниќ нагласи дека бројките што ги слушнал се далеку од оние 90 милиони евра што се кажуваат во кампањата на А1 Телевизија.

Извор:
К.С.Т. (30.11.2007). Урнат ТВ Парламентот. Нова Македонија.

Нема коментари: