сабота, 24 ноември 2007

Време: Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата

Државната комисија за спречување на корупцијата и УНДП вчера промовираа спот што од понеделник ќе се прикажува на електронските медиуми по четири пати дневно. Кампањата наречена „Стоп корупција“, како што велат од комисијата, треба да ја зајакне антикорупциската свест кај граѓаните. И покрај ова, една година по формирањето на комисијата, главните забелешки на јавноста одат во насока дека антикорупциската комисија промовира спотови, а од друга страна затајува во работењето и во отворањето корупциски случаи, односно не работи транспарентно како минатиот состав.
Откако почна да работи новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, беа објавени имотните листови на државните функционери на Интернет, но не во целост. Почнаа со претседателот, премиерот, министрите и пратениците, го објавија имотот на членовите на Судскиот совет, Врховниот и Уставниот суд, но имотот на судиите, обвинителите, градоначалниците остана тајна. Во последнава година комисијата отвори 12 случаи за непотизам и конфликт на интереси. Кај четири од нив не најде непотизам, а за другите, оние покрупните, се уште нема одговор. Антикорупциската комисија се прогласи за ненадлежна да одлучува како мајката на премиерот Никола Груевски ги купила четирите стана и не најде корупција и криминал во случајот со градежното земјиште зад „Рамстор“. И бизнисменот Љупчо Палевски до комисијата достави документација дека сопругата на претседателот Бранко Црвенковски уплатила пари за објектот „Тифани“. Комисијата не постапи по овој предмет затоа што го бараше оригиналниот документ за купопродажба на недвижниот имот. Од друга страна, антикорупционерите поведоа барање за прекршочна постапка против четириесетина функционери што воопшто не доставиле или ненавремено доставиле анкетен лист за имотната состојба. Позитивна оцена во јавноста доби донесувањето на Програмата за превенција и репресија на корупцијата и покренатата иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешната директорка на УЈП Петра Митева и на нејзината колешка од скопската регионална дирекција Мирка Мандевска. Сепак, ниту еден расветлен случај на организиран криминал и корупција досега не излезе од оваа институција. Од СДСМ неколкупати досега изјавија дека не ја признаваат Државната комисија за спречување на корупцијата.
- СДСМ поздравува секаква акција што оди кон борба против корупцијата. Изминативе 15 месеци видовме еден куп пропагандни спотови направени со народни пари, кои не вродија со плод. Затоа, ја повикуваме антикорупциската комисија конечно да се освести и да почне да работи во согласност со своите надлежности и да ги решава претставките поврзани со функционерите од власта - велат од партијата.

Извор: М.Ј. (24.11.07). Антикорупциска гледа спотови, мижи за корупцијата. Време.

Нема коментари: