вторник, 20 ноември 2007

Дневник: Недостапен договорот за ЕСМ поставен на интернет

Граѓаните и стручната јавност вчера не можеа да го видат договорот за продажба на ЕСМ на австриската компанија ЕВН, иако Владата го постави на својата веб-страница. Документот не можеше да се отвори поради бавното симнување на податоците, а требаше и авторизација со корисничко име и лозинка.Најавата на Владата дека ќе го објави договорот предизвика силен потрес во односите со Австријците. Од централата на ЕВН во Виена велат дека според меѓународната пракса за објавување договор, треба согласност од двете страни. Владиниот портпарол Ивица Боцевски тврди дека во договорот нема одредба за обострана согласност за објавување.

- Во договорот пишува дека може да биде објавен една година по потпишувањето. Во знак на добра волја ја известивме ЕВН за објавата на интернет - вели тој.

Според Боцевски, клучно за интересот на граѓаните е да знаат според кои меѓународни практики продавачот треба да враќа пари, откако ќе продаде нешто.

Односите помеѓу Владата и ЕВН се влошија откако од кабинетот на Никола Груевски ги објавија измените на Законот за енергетиката, за кои Австријците имаа многу забелешки. Владата го зголеми притисокот со изјавата дека сака да ја откупи компанијата од ЕВН. Состојбата се вжешти до меѓудржавен спор по најавата од Владата дека јавно ќе го обелоденат купопродажбениот договор и дека Австријците ќе плаќаат пенали за неисполнетите инвестиции.

Неофицијално, нашата амбасадорка во Виена, Весна Борозан, била повикана во Министерството за надворешни работи на Австрија за да и' изразат протест за односот на македонските власти кон австрискиот инвеститор.

Во македонското МНР не добиле информација дека Виена протестирала во врска со компанијата ЕВН.

Извор: Марјан Блажевски (20.11.2007). Недостапен договорот за ЕСМ поставен на интернет. Дневник.


Нема коментари: