четврток, 22 ноември 2007

Време: Лаптопи за поинтересна настава

Вторачиња од две паралелки во основните училишта „Војдан Чернодрински“ во општината Карпош и „Дитурија“ во Сарај од минатата недела почнале наставата на часовите да ја следат со помош на лаптоп-компјутери. Решаваат задачи, пишуваат и цртаат на компјутерите што ги добиле како донација од американската фондација ОЛПЦ. Студијата, која вклучува и обука на наставниците, е финансирана од УНДП, Програма за развој при Обединети нации, со поддршка од Министерство за информатичко општество. Наставниците велат дека часовите станале поинтересни откако дел од наставата се одвива преку лаптопи. - Се цели кон тоа постепено наставата по сите предмети да се одржува преку компјутер. Овој начин на работа е нов и интересен, како за децата, така и за мене. Тие имаа за домашна задача со помош на вградената камера во компјутерот да ги фотографираат нивните родители и потоа да напишат нешто за нив. Освен тоа, тие на часовите пишуваат и решаваат задачи по математика. Но, се уште се одржуваат и класични часови, на кои се работи нормално - со учебници и тетратки - вели Билјана Нелоска, наставничка во „Војдан Чернодрински“. Розалинда Стојова, пак, координаторка на студијата во УНДП, објасни дека менијата на апликациите не се сложени и се приспособени за деца од шест до 16 години. - Има повеќе функции, но не се сложени и не им се тешки на децата. Менито е на англиски јазик и тоа воопшто не им е проблем. Лаптопот има опција за цртање, пишување, играње игри, снимање аудио и видеозаписи и нивна репродукција. Има можност и децата да се приклучат на Интернет. Има вградено и камера, микрофон, слушалки и антени, а со тоа им се овозможува групно да работат на часот и надвор од училиштето. Еден ваков лаптоп чини околу 200 долари, но не може да се набави на парче. Набавката за овие лаптопи се одвива по посебни процедури - објасни Стојова. Таа додаде дека училиштата што се пријавиле за овие компјутери требало да исполнуваат низа критериуми. УНДП по извесен период ќе и даде препорака на Владата за тоа колку е ефикасна наставата што се одвива преку работа на овие компјутери.

Извор:
Антонија Поповска. (22.11.2007). Лаптопи за поинтересна настава. Време.

Нема коментари: