четврток, 29 ноември 2007

Вест: Центар нема да го урива ТВ - Парламентот на плоштад

Градските власти велат дека ќе поднесат кривична пријава против Општина Центар, ако таа не го отстрани времениот објект на А1 телевизија, бидејќи Општината издала дозвола без согласност од Градот

Општина Центар нема да го урива времениот објект на А1 телевизија на плоштадот, од каде се емитува програмата ТВ - Парламент. Од кабинетот на градоначалничката на Центар Виолета Аларова велат дека дозволата за негово поставување ја издале согласно Законот за Град Скопје.
"Општина Центар издаде времена дозвола за него, бидејќи е на локација која е дел од неизградениот плоштад Пела, за кој е надлежна нашата Општина. Вакви дозволи општините може да издаваат согласно член 15 од Законот за Град Скопје", велат од Општината.
Според надлежните во Центар, во дозволата не е наведен рокот до кога може да стои куќичката на плоштадот, бидејќи дозволите за времени објекти важат се додека не се реализира деталниот урбанистички план.
"Не е побарано да платат надомест за користење на јавната површина, бидејќи служи за некомерцијална емисија. Досега од никого не сме барале надомест за некомерцијална намена, туку само од оние субјекти што поставиле опрема или времен објект за комерцијални цели", велат во Општина Центар.
Скопскиот градоначалник Трифун Костовски деновиве побара од Општина Центар да го урне времениот објект на А1 телевизија на плоштадот, со образложение дека не е побарана согласност од Градот. Градските власти велат дека Општина Центар не е надлежна за просторот каде што е поставен времениот објект, бидејќи тој се води на улица 11 Октомври, која е во надлежност на Градот. Тие објаснуваат дека од А1 телевизија побарале уште во август да го отстрани времениот објект и дека неколку пати ја предупредувале телевизијата дека треба да постапат по писменото барање за отстранување на објектот.
"Само Градот има надлежност да издава согласност за користење на јавни површини и плоштади за поставување предмети, приредување изложби, забавни приредби и манифестации. Во согласност со законските надлежности, Општината е должна да го изврши решението на Градот, во спротивно ќе се соочи со кривична одговорност", велат од Одделението за односи со јавност на Градот.


Извор: Е.А.(29.11.2007). Центар нема да го урива ТВ - Парламентот на плоштад. Вест.

Нема коментари: