среда, 27 мај 2009

Утрински: Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери

„Космофон“ и „Он.нет“ во догледно време ќе се спојат во една компанија, која ќе добие и ново име. Ова на вчерашниот промотивен прес го најавија од „Телеком Словенија“, компанија која неколку години го поседува „Он.нет“, а неодамна го купи и „Космофон“.

Приоритетите на „Телеком Словенија“ во Македонија најмногу ќе се фокусираат на искористување на бенефитите што произлегуваат од трговските, оперативните и инфраструктурните синергии меѓу компаниите, преку создавање понуда што им овозможува на корисниците сеопфатни телекомуникациски услуги на едно место.

Влезот на најголемата телекомуникациска словенечка компанија на македонскиот пазар и во „Космофон“ има цел нашиот втор мобилен оператор да го направи лидер во телекомуникацискиот сектор во земјава и да продолжи да го развива врз постојната платформа, без големи промени.

Влезот на „Телеком Словенија“ на пазарот на мобилната телефонија, според претседателот на Управниот одбор на компанијата, Бојан Дремељ, за корисниците ќе значи нови услуги со врвен квалитет, по „коректни и чесни цени“.

„Телеком Словенија“ не планира намалување на бројот на вработените. „Процесот на спојување и на менување на брендот нема да се случи преку ноќ. Не планираме да го намалиме бројот на вработените, бидејќи тоа нема да не' носи кон развој. Но, не велам дека некои луѓе нема да си заминат“, соопшти вчера на прес-конференција

Покрај најавата за спојување на двата бренда во еден, Дремељ објави дека „Космофон“ и „Германос“ веќе добија ново раководство. Имено, Генералното собрание на „Космофон“ вчера го именуваше новиот Борд на директори. Претседател на Бордот е Душан Митиќ, а членови се Филип Огрис-Мартиќ, Боштјан Краљ, Дејан Калиников и Оливие Понсин, кој е и нов генерален директор на „Космофон“. Душан Митиќ е претседател на Бордот и во „Германос“, каде што за генерален директор е назначен Боштјан Краљ.

На досегашниот директор на „Космофон“, Петрос Лефковиц, за кого се шпекулираше дека можеби и ќе ја задржи челната менаџерска позиција, новите сопственици му се заблагодарија за соработката.

За наесен „Телеком Словенија“ го најавува воведувањето на дигиталната телевизија, во која ќе инвестира 30 милиони евра.

„Телеком Словенија“ неодамна го купи „Космофон“ за 190 милиони евра

Извор: 27.05.2009. Новите газди на „Космофон“ со нови менаџери. Утрински Весник.

Нема коментари: