сабота, 16 мај 2009

Дневник: Универзитетска ќе се дигитализира

Центар за дигитализација на сето пишано културно богатство ќе биде сместен во доградбата на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, за која се планира да биде отворена на 24 Мај - Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Древните ракописи, старите и ретки книги, скапоцени карти ќе бидат целосно дигитализирани и зачувани во новиот центар, кој ќе функционира и како депо за чување на вредните записи. Како што истакнуваат од библиотеката, со новите простории, градот, студентите, научните работници, читателите ќе добијат современ центар кој, како и библиотеките од светот, ќе биде место за зачувување на сета наша културна, национална, општествена меморија.

- Во Центарот ќе се зачува нашето пишано богатство. Таков простор недостасуваше долго. Сега ќе има можности старите и вредни ракописи да ги зачуваме за следните генерации. Секако, со дигитализацијата ќе се отвори можност на светот да му ги покажеме вредностите што тука ги имаме. Библиотеката ќе биде центар преку кој нашата култура ќе се поврзе со европските и со светските културни текови - вели Миле Бошески, директор на НУБ.

КОМПЈУТЕР ЗА СЕКОЈ ЧИТАТЕЛ

Доградбата на библиотеката е со вкупна површина од 3.300 квадратни метри. Во неа ќе има повеќе специјализирани читалници со компјутери на секоја маса. Интернет-поврзаност, компјутерско прелистување на дигитализираните текстови, пристап до библиотечните материјали во европските национални библиотеки се дел од можностите што таму ќе им се нудат на читателите, истражувачите, студентите.Посебни простории ќе се користат за претворање на книжниот материјал во електронска форма. Од библиотеката најавуваат дека целиот книжен фонд, кој ќе биде електронизиран, ќе биде поставено на интернет. Книжното богатство од библиотеката ќе биде достапно и преку интернет-страницата на Европската електронска библиотека, во која членуваат националните и најзначајните библиотеки од сите европски земји.

- Со новитетите, читателите ќе можат целосно да ги прелистуваат книжните материјали. Секако, преку поврзаноста со Европската библиотека се отвора можност нашите корисници да ги погледнат и старите ракописи што низ историјата биле изнесени од Македонија. Веруваме дека во процесот на дигитализација, во време кога секој сака да се пофали со тоа што го има како реткост на културен план, Библиотеките од другите држави ќе ги ставаат и тие ракописи во Европската библиотека, па така научниците од тука ќе може слободно да истражуваат - додава Бошевски.

РЕШЕНИЕ ЗА ПОЛОВИНА ВЕК

Речиси половина од просторот ќе биде наменет за библиотечно депо, кое ќе биде со површина 1.400 квадратни метри. Внатре ќе биде сместена современа опрема, која ќе одржува посебна температура за книгите. Постојано ќе се мери и влагата, која е најголема закана за старите и ретки ракописи чија хартија може и да се распадне, ако не се чува во соодветни услови. Освен старите книги и ракописите, таму ќе има простор и за новите книги што во следните години ќе се внесуваат во библиотеката. Како што најавуваат од Универзитетска, новото депо има капацитет за складирање за следните педесет години.

- Депото веруваме дека ќе го реши проблемот со сместување на книгите најмалку за следните педесет години, а можеби и повеќе. Простор за библиотечниот материјал кој постојано расте, се' повеќе недостасува. Сега имаме решение, кое во голема мера ќе ја олесни работата. Секако, со процесот на дигитализација, голем дел од материјалите ќе бидат претворени во формати што не зафаќаат голем простор. Со новиот центар ќе ги внесеме новитетите од современото библиотечно работење - вели Бошевски.

Доградбата е продолжение на зградата. Читателите и корисниците од внатрешна страна ќе може да преоѓаат во новиот дел, каде што ќе може да ги користат компјутерите и интернет-поврзаноста со светските библиотеки.

Нема коментари: