петок, 15 мај 2009

Вечер: Заврши преземањето на Космофон

Заврши преземањето на Космофон. Телеком Словенија извести дека уплатил 190 милиони евра за 100% сопственост на вториот мобилен оператор во Македонија.
Тим предводен од потпретседателот на словенечката компанија Душан Митиќ вчера го посетил Космофон за, како што велат оттаму, финалниот акт на преземањето. На 23 мај е закажано генерално собрание на кое ќе се избере новиот менаџмент на операторот.

Зделката од 190 милиони евра е најголемата словенечка странска инвестиција годинава со која Телеком Словенија ја продолжува геостратешката експанзија на бизнисот.

Каква е состојба на телекомуникацискиот пазар во земјава дебатираа експертите на конференцијата организирана од АЕК. Оттаму велат дека македонскиот пазар со десет фиксни и три мобилни оператори е либерализиран. Цените се формирани според реалните трошоци на компаниите.

- Цените мора да бидат базирани на реални трошоци, а самите пресметки покажуваат такви трошоци, така што не се согласувам со констатациите дека имаме највисоки цени во Европа, рече Васка Петровиќ, самостоен стручен соработник за анализа на пазар во АЕК.

Граѓаните се уште се жалат на скапи импулси.

- Да, необично скапи сметки ми стигаат, треба да се провери тоа.
- Па, не плаќам многу, гледам да не го користам телефонот.
- Во мобилните има конкуренција и разни поволности, тарифи, но во фиксната мислам дека се уште многу се плаќа, велат граѓаните.

Првиот човек на АЕК најави дека до крајот на годината ќе финишира истражувањето кое ќе утврди дали во Македонија има превисоки, а можеби и дампинг цени во фиксната телефонија.

Потоа Агенцијата ќе направи методологија за регулирање на малопродажните цени. Се уште било рано да се каже дали цените ќе се намалат или зголемат.

Извор: (15.05.2009). Заврши преземањето на Космофон. Вечер

Нема коментари: