сабота, 23 мај 2009

Вечер: ИТ индустријата изгубила 14 милиони долари

Во Македонија стапката на софтверска пиратерија минатата година изнесувала 68 проценти и е на исто ниво како и 2007 година. Овој податок е содржан во шестиот глобален извештај за софтверска пиратерија издаден од БСА (Business Software Alliance), интернационална асоцијација која ја претставува глобалната софтверска индустрија. Студијата покрива 110 земји, и е реализирана од IDC - водечка организација која истражува во областа на информатичката технологија и дава проценки за идните трендови.

Според овој извештај, софтверската пиратерија влијаела врз приходите на домашната информатичка индустрија. Од БСА наведуваат дека загубите од користење нелиценциран софтвер изнесувале 14 милиони долари, што во однос на 2007 година претставува зголемување за три милиони долари, кога загубите достигнале 11.
Од Мајкрософт Македонија велат дека посочениот процент е доста објективен.
- Во последниве две години ситуацијата со заштитата на интелектуалната сопственост во Македонија оди на подобро, особено откако е формиран Комитетот за заштита на интелектуалната сопственост од каде сериозно ја разбраа задачата што им е доверена - оценува Илијанчо Гаговски од Мајкрософт Македонија.

Од Министерството за информатичко општество велат дека Владата одлучила да го контролира целиот софтверски систем на државните институции во земјава и тоа засега го прави мошне успешно.
- Владата набави лиценциран софтвер со сите сертификати и гаранции. Доколку биде утврдено дека некој службеник ја злоупотребува позицијата, ќе следуваат санкции - велат од ова Министерство.

Од 110 земји, што биле опфатени со овој извештај, во дури 57 е забележано намалување на стапката на софтверско пиратерство, во 36 земји таа е на исто ниво, додека во 16 има пораст. Бидејќи расте бројот на компјутери во земјите каде користењето нелиценциран софтвер е во пораст, светската стапка на пиратерија порасна за 3 проценти достигнувајќи 41% во 2008 година.
Во регионов, највисока стапка на користење нелиценциран софтвер од 83 проценти има Црна Гора, која што се најде и на 17. место на листата на земји што најмногу користат нелиценциран софтвер. Следува Албанија со 77 проценти, па Србија со стапка од 74%, Бугарија со 68%, Босна и Херцеговина со 67%, Хрватска 54%. Во истражувањето се истакнува дека најниска стапка на користење нелиценциран софтвер од земјите од регионов има Словенија со 47 проценти.
Светски лидери во пиратирање на софтвери се Грузија со 95 проценти, како и Бангладеж и Ерменија со стапка на користење на нелиценциран софтвер од 92%. Најмала стапка на пиратерија во светот имаат САД со 20% и Јапонија и Луксембург со 21%.

Студијата покажува дека светската економска рецесија има различно влијание врз софтверската пиратерија.
- Корисниците со намалена потрошувачка моќ подолго се задржуваат на компјутерите, што од друга страна, пак, има тенденција за зголемување на пиратеријата бидејќи постари компјутери е поверојатно да користат нелиценциран софтвер. Но, како и да е, појавата на џебните компјутери ја мотивира продажбата на евтините ноутбуци кои вообичаено имаат однапред инсталирани лиценциран софтвер, бизнисите користат софтверски пакети и системи за продуктивно работење кои ги намалуваат ИТ трошоците - забележува Џон Ганц, главниот директор на истражување во IDC.

За Валентин Пепељугоски, правен застапник на БСА за Македонија, извештајот ги покажува негативните влијанија што пиратеријата ги има врз економскиот развој на една земја.

Извор: (23.05.2009). ИТ индустријата изгубила 14 милиони долари. Вечер.

Нема коментари: